Високо ниво на увежбаност и ефикасна примена на Оперативниот план за заштита и спасување и планот за евакуација покажаа раководството и вработените во компанијата ЛТХ Леарница, на денешната показна вежба за евакуација во компанијата. Според соодветно сценарио на случен земјотрес и пожар, вработените во ЛТХ Леарница, предводени од одговорните лица, ги презедоа сите неопходни мерки за заштита и безбедна евакуација од работните простории.

Ваквите симулациски вежби значително го подигнуваат нивото на подготвеност и координираност за соодветно, навремено и ефикасно делување во случај на несреќи на сите инволвирани субјекти и затоа остануваме достапни на правните субјекти, фирми, установи и сл., за потребите на увежбување на плановите за заштита и спасување и плановите за евакуација, вели претседателот на Црвен крст Охрид Сашо Точков.

Целта на вежбата е унапредување на безбедноста во самата фабрика, подготовка на вработените и проверка на ефикасноста на процедурата за евакуација во случај на пожар, експлозија или друга вонредна состојба, како поплава или земјотрес, вели Димче Бочески, одговорен за безбедност и здравје при работа во ЛТХ Леарница.

Имаме законска рамка на секои две години да се реализира ваква вежба. Голема фабрика сме и мора почесто да ја повторуваме вежбата според изработениот план за евакуација како најбрзо вработените можат да ја напуштат фабриката. Како што и беше изведено на денешната вежба во рок од 2-3 минути цела фабрика се испразни. Вежбата беше ефикасна, посочува.

Фабриката, вели, бори колу 520 вработени, од кои на вежбата учествуваа околу 400 вработени од прва и втора смена.

Намерно беше закажан овој термин за да ги опфатиме вработените од двете смени. Во секоја смена има лица кои се подготвени за давање на прва помош и гасење на пожар. Во случај на пожар во фабриката сите централи ни се обезбедени со добивање на електронско известување за дојава на пожар каде одговорните лице одат на лице место да видат дали е лажна дојава или пожар. Ако се утврди дека е пожар се постапува според протоколот. Да ги сумираме сите резултати од самата вежба и ќе ги извлечеме позитивните и некои негативни работи кои ќе треба да се подобрат за да бидеме уште поефикасни, додава Бочески.

Вежбата беше организирана и реализирана во координација со тимовите на институциите на СВР Охрид, Територијалната Противпожарна единица Охрид и Црвен крст Охрид.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска