Со пригодна свеченост која се одржа во ООУ „Кочо Рацин“ беше означен почеток на новата учебна година за триесет и шест првачиња кои ќе ја следат наставата во новата училишна зграда во просториите на поранешната Касарна.

Сите вие сте една нова генерација која ќе испише нови приказни, големи успеси и ќе остави траен печат во образованието во Охрид. Во време кога светот се менува со невидена брзина токму вложувањето во овој сегмент од општественото живеење е најдоброто наследтсво што можеме да им го оставиме на нашите деца. Денес за првпат ќе седнете во училишната клупа, ќе ги запознаете своите први училишни другарчиња и ќе започнете едно убаво и весело патување низ бројките и буквите. Нека вашите чекори бидат сигурни, а вашите насмевки искрени, вашите срца отворени за училишни успеси. Нека е среќна и успешна новата учебна година во Охрид. Да славиме и да се радуваме заедно за големи училишни успеси, им посака градоначалникот на првачињата.
Добредојде во „вториот дом“ на првачињата им посака и директорката на училиштето Славица Котеска која посочи дека пред нив стои еден прекрасен свет на учење, каде буквите и броевите ќе се претворат во големи можности.
Тука во ова училиште ќе учите, ќе се смеете, ќе играте и ќе се дружите. Тука ќе учите како да бидете добри другари, како да помагате и да се грижите за другите. Но, најважно од се овде ќе учите како да верувате во себе и во своите способности. Ова е почеток на еден процес кој ќе ве води низ целиот ваш пат како ученици, но и како луѓе кои ќе бидат важни членови на општеството. Бидете храбри, бидете љубопитни и верувајте во себе, рече Котеска.
Потенцираше дека новата училишна зграда денес е исполнета со радост и возбудливи насмевки, а денот исполнет со надеж.
Нашето училиште секогаш ја чувствувало грижата и поддршката на општина Охрид. Со внимание и посветеност општината вложува во подобри услови за наставата, во создавање пријатна и безбедна средина за учениците и во охрабрување на младите да чекорат храбро кон иднината, додаде Котеска.
Во рамки на свеченост градоначалникот Пецаков на првачињата им подели и пригодни подароци, по што заедно со директорката на училиштето направи обиколка на просториите во училиштето. Беше изведена и едукативната театарска претстава „Во царството на другарството“ од страна на актерите од „Театар хит комедија“, Сашо Ристовски, Магдалена Ризова Черних и Ема Давчева, а присутните имаа можност да проследат и музичка точка подготвена од страна на учениците.
Вкупната инвестиција за новата училишна зграда на ООУ „Кочо Рацин“ изнесува околу 90 милиони денари, средства со кои се овозможи темелна реконструкција, адаптација и опремување на просторот.

Фото галерија:
Прв училишен ден во ООУ „Кочо Рацин“
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска








































