Охриѓани вечерва имаа можност да уживаат во прекрасни визуелни ефекти кои беа емитувани на зградата на охридската гимназија. Се работи за 3Д мапинг музичко-сценско шоу наречено „Ехото на Охрид“ во режија на Илија Пиперкоски, а автори на видео-анимациите се Јовица Смилески и Милчо Узунов.

Фасадата на Гимназијата вечерва беше „жива сцена“ на која преку оригинални 3Д секвенци, динамичен ритам и прецизен мапинг, беа прикажувани модерни дигитални креативи за сите возрасти.
Со помош на два професионални проектори од 30.000 лумени, зградата на гимназијата „оживеа“ преку 3D мапинг – колоните станаа стебла на животот, прозорците се претворија во портали кон ѕвездите, а целата структура пулсираше во ритамот на музиката.
Ова е приказ на чиста визуелно-музичка експресија која го слави моментот и просторот. Фасадата на гимназијата, со нејзиниот историски неокласицистички стил, симболично претставува „платно на минатото“ кое се трансформира во „портал кон иднината“, вели Пиперкоски.
Г.М.
Фото: А. Момироска


















