Околу 500 првоодделенци од основните училишта во општините Охрид и Дебрца беа дел од Охрид трчаТ Детската трка која се одржа денес на стадионот „Билјанини извори“ во организација на АК „Охрид ТрчаТ“.

Со голем спортски дух во себе овие мали дечиња уживаа во спортот, забавата и дружењето. Пред почетокот на официјалниот дел од трката каде децата трчаа поделени во групи, претходеше загревање.

Станува збор за неформална трка каде сите учесници трчаат по 100 метри поделени во групи. Оваа трка нема победници на оваа трка сите се победници како што и треба кога станува збор за дечиња од 6 години. Со овој спортско-детски настан го промовираме спортот, дружењето, здравата животна средина, здравиот начин на живот и секако градењето на повисока свест за спортување, информираат организаторите.

Присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој истакна дека оваа трка не е само забавен натпревар, туку и значајна иницијатива за подигнување на свеста за важноста на физичката активност и спортот од најрана возраст.

Нашата цел е да ги поттикнеме децата да се движат, да развиваат здрави навики и љубов кон спортот. Спортските активности покрај тоа што се полезни за здравјето, тие ги учат децата на дисциплина, тимска работа и упорност. Нека оваа денешна трка биде симбол на почетокот на едно патување кон здрав живот. Нека биде инспирација за сите нас да ги поддржиме и охрабриме нашите деца да бидат активни, да спортуваат и да ги откриваат своите таленти и способности. Драги охриѓанчиња, вие сте богатството на Охрид и на Македонија. Вашите насмевки и желби се она што ни дава сила и храброст да ви обезбедиме безгрижно детство. Без оглед на тоа кој ќе биде прв на целта, денес нема победници, запомнете дека сите вие сте наши шампиони. Посакувам весела и забавна трка и нека денешниот ден биде полн со незаборавни моменти. Нека оваа трка биде само почеток на многу идни успеси и спортски достигнувања. Напред до целта кон среќно детство! Бидете живи и здрави и гордост за вашите родители! Да уживаме и спортуваме заедно! Охрид е спортски град!, рече Пецаков во обраќањето пред почетокот на трката.

Првачињата ја трчаа 100 метри долгата патека, а победници немаше бидејќи сите беа победници и медали имаше за сите.

Учеството на трката беше бесплатно, а за сите учесници АК „Охрид ТрчаТ“ обезбеди маица, медал (финишер), вода и пригодни подароци. Трката и годинава ја подджаа Општина Охрид и голем број општествено одговорни компании.

Охрид трчаТ Детската трка се одржа трета година со ред со надеж традицијата да продолжи и следните години.

Спорт, забава и дружење, првоодделенците уживаа во Охрид трчаТ Детската трка

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски