Стотина лица учествуваа на традиционалното зимско капење на рибарите, што годинава се одржа на градското пристаниште. Тие пливаа по десетте буриња со вино, а најмногу среќа имаше 24 годишниот Александар Андоноски, кој го фати бурето со бело вино. Тој од градоначалникот на Охрид доби златник со ликот на Св. Јован, а кумот нему, како и на повеќемина заслужни граѓани за одржување на традицијата и капачи им подари позлатен крст.

-Се капам 10 години и прекрасно е чувството. Виното ќе го испиеме со другарите, изјави среќниот Александар.


Во студените и разбранувани  води на Охридското Езеро, скокнаа многу досегашни фаќачи на чесниот крст, ветерани на Водици, кумот на манифестацијата, но и познати личности, политичари, туристи, како и колешките новинарки Александра Ристоска, која доби позлатен крст од кумот на Водици Ванчо Чифлиганец, и Сузана Вренцоска. Веќе традиционален капач е поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере.

Во рамки на манифестацијата се одржа  изложба на риболовен алат, имаше натпревар во фрлање сачма и  се демонстрираше рибарење на традиционален начин. Посетителите уживаа и се загреваа со вино и греана ракија, а сладокусците во пржена плашица и околу 2 тони рибна чорба.


Манифестацијата беше збогатена со музичка програма.

OhridNews