Задоволство и радост на многу детски лица можеше да се види денеска на централниот плоштад во Охрид на традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“, што петнаесетта година по ред ја реализираат Црвен крст Охрид и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во соработка со аптеки „Виа Фарм“.
Настанот започна со „главна трка“. Старот беше од плоштадот „Чинар“, а целта на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде продолжија спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини. Се играше фудбал, ракомет, тенис, шах, пикадо, се возеа велосипеди, се вежбаше аеробик…
Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Учесниците, пак, стануваат потенцијални добитници на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди – четиридневен престој во Суботица, тридневен престој на Златибор, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др. Наградите ќе бидат извлечени во втората половина на октомври.
Испраќаме пораки за здрав живот, спортување и пред се хуманост. Тоа ги поврзува сите присутни деца и нивните родители овде. Благодарност до нашиот традиционален партнер „Д-р Баткоски“ кој помогна во реализацијата на настанот. – истакна Сашо Точков од Црвен крст Охрид.
Екипи на Стоматолошки Центар Д-р Баткоски во соработка на аптеки „Виа Фарм“ и оваа година подготвија голем број награди и изненадувања за учесниците, а се делеа и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.
Г.М.
Фото: А. Момироска