Со низа свечености, во препознатлив амбиент и веќе видена иконографија со националистички скандирања, во Струга денеска беше одбележана 100-годишнината од формирањето на Албанската држава.
– Пола народ е само слободен, пола е под ропство уште, изјави постар Албанец, жител на Струга.
-Денес се слави 100 години од независноста на Албанија и 569 години од албанското знаме. Ние ова го доживуваме како голем празник, горди сме што сме речиси единствен народ во Европа што има континуитет од 6 века под едно знаме и мислам дека аспирациите на потписниците на декларацијата за албанска независност ќе се остварат еден ден, а тоа се сите албанци да живеат во мир во една држава со своите соседи.-додаде друг жител на Струга, исто така Албанец.
На присутните на свеченоста која се одржа на централниот плоштад се обрати градоначалникот Рамиз Мерко, кој истакна дека Струга се приклучува кон прославата на 100-годишнината од независноста на Албанија.
-Денеска се празнува во сите места каде има Албанци. Сите заедно треба да живееме и работиме, но и да се разбереме меѓусебно за да тргнеме напред обединето во европското семејство каде сите ќе бидеме рамноправни, рече Мерко.
Иако денес е работен ден, албанците од Струга масовно присуствуваа на прославата на 100-годишнината од независноста на Албанија. Амбиентот е сличен и во селата во струшко каде живеат етнички албанци, а во Мислодежда поставено е и „електрично“ знаме.