Светите Кирил и Методиј, браќата благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок – писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Денес го празнуваме нивното дело, делото на нашите првоучители, светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност, рече во обраќањето претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на Свечената академија што по повод Денот на Светите Кирил и Методиј се одржа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Тие, посочи, ни ја оставија вредноста која еве повеќе од еден милениум е нашиот светилник низ сите бури, низ сите предизвици и животни стрмнини кои ги искачувам.
Борбата за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на македонската вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината. Денес, кога нашиот народ стои пред нови предизвици, кога светот се обидува да нè дефинира и објаснува, токму нивната мисија нè потсетува кои сме, рече тој.
Мицкоски осврнувајќи се на, како што рече, простодушните полемики, за тоа кои се Светите браќа, чии се, кому му припаѓаат, без да се види големата слика, рече дека тоа е толку безначајно споредбено со прашањето дали и колку ги применуваме нивните пораки, зборови и завети кои ни ги оставија.
На денот во кој го чествуваме споменот на Свети Кирил и Методиј се собравме во катедралниот храм на Македонската православна црква, во храмот кој со столетија бил прв трон на славната Охридска Архиепископија за со свечена академија да им одадеме почит на нашите славни словосоздатели и молитвотворители, рече Архиепископот на Македонската православна црква г.г. Стефан.
И како што доликува вака заедно да им оддадеме почит на тие кои не учеа на единство во верата, на оние благодарејќи на чие дело се удостоивме да го славиме Бога на свој јазик, со свое писмо и од свои книги. Секое време и секое место се достојни за славање на Бога и на неговите светии. Но за овој ден, за празникот на Светите браќа од Охрид и од Св. Софија нема поприлично. Па никој како овој град и како оваа макодонска светиња над светињите не зачувале толку спомени и не носат такви лузни од бремињата минати. Овие избледени фрески на Св. Софија чиниш ја шепотат сета наша историја и се показ пред светот за тоа кој сме и од кога сме, истакна Архиепископот г.г. Стефан.
Прославувајќи ги овие незавидни светила, посочи, да се потрудиме да бидиме ниви достојни наследници и да растеме и да оставаме поколенија кои ќе бидат вистински гласници на евангелието, да создаваме зад нас наследници кои во овој свет преполн со искушенија ќе умеат да ги обединуваат разделените, да зборуваме за богољубие и родољубие не само со зборови туку и со дела зошто токму тие најгласно говорот и нивниот глас најдалеку се слуша.
Да го следиме примерот на Светите Кирил и Методиј и со нашата вера и слово да се покажеме нивни достојни чеда, а такви ќе бидеме кога ќе знаеме да ја чуваме и верата што ни ја проповедаа и јазикот и книжнината и историјата и се што е наше македонско, додаде.
Ректорката на Универзитетот Св. Кирил и Методиј проф. Биљана Ангелова истакна дека Светите браќа не се само духовни светилници, туку и културни основоположници на сето тоа што денес го нарекуваме словенска писменост и идентитет.
Светите браќа Кирил и Методиј беа мисионери и учени визонери кои го оставија својот вечен белег во историја. Во 9 век ја создадоа глаголицата, првото словенско писмо кое беше основа за понатамошен развој на кирилицата. Со тоа им дадоа на словенските народи не само алатка за писменост, туку и можност да го слушнат и разберат божјиот збор на својот мајчин јазик. За Македонија делото на Светите браќа Кирил и Методиј има посебна тежина. Тие се симбол на духовна светлина, на културна независност и на вековната борба за зачувување на нашиот јазик, писмо и идентитет. Нивното влијание не завршува тука. Светите Кирил и Методиј се втемелени во срцето на светската славистика. Да се сеќаваме на Светите браќа Кирил и Методиј не значи само да се поклонуваме пред минатото туку обврска да го чуваме јазикот, културата и духот на слободата што тие ни го оставија. Да ги учиме децата да читаат, пишуваат и да размислуваат на својот мајчин македонски јазик. Да го негуваме македонскиот јазик како еден од наследниците на нивното дело и да не заборавиме дека иднината ја градиме со почит кон корените, додаде Ангелова.
Инаку, во цркавата Света Софија денес беше поставена ексклузивна изложба на ракописи и старопечатени книги од Националната библиотека на Македонија, која досега не е прикажана во Македонија во рамки на која беа изложени 15-тина ракописи пишувани на старословенски јазик. Меѓу истакнатите дела беа оргиналните ракописи од 13, 14 и 16 век како и Тројазичниот речник од Ѓорѓија Пулевски кој годинава слави 150 години од своето издавање и делото на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“ од 1903 година. Овој дел од изложбата беше насловен „Низ вековите од слово до ракописно и старо печатено наследство“.
Во дворот, пак, на црквата беа изложени копии од икони и фрески во чест на сесловенските просветители поставени од НУ Завод и Музеј Охрид. Поставката содржеше 11 икони и фрески од различни векови на нивното создавање од познати и непознати фрескоживописци.
Фото галерија:
Свечена академија посветена на Св. Кирил и Методиј
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска