Во Битола вечерва свечено беше отворено 40-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”. Фестивалот за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски, кој му ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на реномираниот американски кинематографер, Едвард Лакман.

Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот Пендаровски истакна дека тој е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.

Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ. – рече Пендаровски.

40-годишниот јубилеј, секако, е резултат и на прецизно конципираниот репертоар низ годините. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време ‒ социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата…, додаде Претседателот.

Доволно е да ја прелистаме програмата за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас. Тие не само што нè замислуваат, туку и нè охрабруваат да се бориме против рамнодушноста и исклученоста од светот и од животот, нè инспирираат да ја почитуваме различноста и со тоа да создаваме општество на еднакви граѓани, кое ќе нуди иста шанса за сите. На сите оние што на каков било начин порано или денес се дел од фестивалот, најмалку што ви посакувам е во следните 40 години „Браќа Манаки“ да биде водечки фестивал во филмската уметност не само во нашата земја туку и надвор од неа. – истакна Пендаровски.

Отворено 40-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”

OhridNews