Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, во техничка организација на МК Мотостарс од Битола со поддршка од Општина Битола, ЕЛЕМ и Цермат, на 16 октомври на патеката Смолево крај Битола се одржа натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2011.


Во најмалата класа МХ85 можевме да ја видиме иднината на македонскиот мотокрос. Сигурна победа извојува Андријан Ристевски (МК Мотостарс) пред својот брат, најмладиот учесник 7 годишниот Лука Ристевски (МК Мотостарс).

Во втората дивизија настапија натпреварувачите од класите МХ1, МХ2 и МХ3. Во класата МХ1 очекувано најдобар во двете возења беше Гоце Томовски (МК Гого). На второто место се пласираше ветеранот Мирче Ќорнаков (МК Мотостарс), а трет заврши Томислав Ѓорѓиевски (МК Гого). Томовски беше најдобар и севкупно во првата трка од дивизијата.


Класата МХ2 беше посебно интересна за домашната публика бидејќи по
тешката повреда на патеката се врати нивниот миленик Христијан Илиоски.
За жал, во првото возење Илиоски мораше да се откаже поради проблем со
мотоциклот и им ги препушти првите две места на своите клупски колеги од
МК Мотостарс, Никола Гулевски и Јован Стојков.

Во второто возење Илиоски го покажа сиот свој раскошен талент и со
атрактивно возење и одлични скокови измами многу аплаузи и овации од
присутните и победи со голема разлика. Сепак во севкупниот пласман од
класата МХ2 најдобар беше Гулевски, пред Илиоски и Стојков.


Во класата МХ3 најдобар беше гостинот од Грција, Петрос Тонисис. Во
македонскиот шампионат најбрз беше Борче Костов (МК Мотостарс) пред уште
двајца натпреварувачи од клубот организатор МК Мотостарс, Миодраг
Станковиќ и Александар Тодоровски.

Иако натпреварот се одржа по каллива патека и студено време, немаше
посериозни падови и повреди кај мотоциклистите, а МК Мотостарс уште
еднаш се покажа како одличен организатор.

Извор: МФМ