Повеќе од 500 настани и активности, над 19 илјади учесници и посетители од Охрид и регионот, повеќе од 30 младински размени, интернационални соработки, учества на европски младински конференции, посети од други организации надвор од Македонија го одбележуваат тригодишното постоење на Младиснки центар Охрид.
Центарот континуирано ги поддржува младите во развојот на нивните вештини, идеи и ангажман во заедницата, а воедно претставува и простор каде тие се чувствуваат прифатени и охрабрени да создаваат промени, потенцираше Јован Цветкоски, раководител на Младински Центар Охрид.
Овие три години ги одбележаа Саемот за образование и кариера на кој се претставуваат образовните институции од Охрид и државава, Конференција за младинско претприемништво каде се презентираа успешни приказни на млади претприемачи, претстави, изложби, музички настани, Саем за волонтерски можности, семинари за младински центри, спортски проекти, неколку настани за здравје и безбедност. Во иднина сакаме да ја зголемиме дневната посетеност на младите во Младинскиот центар, да доаѓаат и да го поминуваат слободното време не само на настани, да ставиме фокус на нова програма за безбедноста за младите и културната свест во соработка со институции и училишта, да направиме повеќе меѓународни младински размени и поддршка на што повеќе локални иницијативи предводени од млади. Тука сме и отворени за младите да дојдат и да ги користат просториите и можностите кои се бесплатни, додаде Цветкоски.
Младите луѓе се носители на идеи и иновации, па затоа вложувањето во нивниот развој, создавањето услови за нивно активно учество и поддршка на нивните потреби е наша морална, и општествена одговорност, рече во обраќањето пред присутните градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Со отворањето на Младинскиот центар во 2022 година, направивме важен чекор за младите и за целата заедница. Покажавме дека Општина Охрид има волја и капацитет да ги стави младите во фокусот на своите политики. Овој Центар прерасна во место каде што се креираат програми, активности, иницијативи посветени на младите луѓе. Низ изминативе три години, тука се одржаа низа настани, обуки, работилници и волонтерски акции, кои го збогатија личниот развој на младите. Горди сме што Младинскиот центар стана простор каде што младите добиваат системска поддршка, преку неформално образование, информирање и советување. Општина Охрид денес е препознаена како позитивен пример во државата, во делот на исполнување на своите обврски согласно Законот за младинско учество, но и за тоа што направи чекор понатаму, во креирање и имплементирање на конкретни мерки кои даваат вистинска поддршка за младите, рече Пецаков додавајќи дека во оваа насока се формирани и Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, а изготвена е и Стратегија за млади.
Мариче Тренеска од коалиција СЕГА искажа благодарност до локалната самоуправа и Секторот за млади посочувајќи дека без визија, идеја и простор Центарот немаше да биде ова што е денес.
После 3 години за нас е успех што ова не е само простор, туку има и програми, клубови и среќни сме на интернационалното искуство кое го имаме да може да го пренесеме и да се прават активности и различни проекти со европски стил. За нас е важно во секоја активност да има инспирација, креативност и да им се даде шанса на младите да се остварат. Ќе продолжиме да работиме со поинтензивно темпо на активности и програми, додаде Тренеска.
Овој простор има душа и мора да се размислува за ваков простор каде ќе се има поголема контрола врз младите бидејќи знаеме во какво време живееме, простор каде што младите ќе можат да направат нешо креативно, да се пронајдат себеси за понатаму, рече дефектологот Александра Сабрас Апостолова.
Треба ова место младите да го чувствуваат како втор дом, бидејќи кога младите се меѓу себе, многу подобро ќе развијат самодоверба, ќе работат на себе, ќе видат за што се подготвени, потенцираше Сабрас Апостолова.
Во рамки на денешниот настан пред присутните беа презентирани најзначајните активности, проекти и соработки реализирани во изминатите три години, како и лични впечатоци од партнери, организации и млади кои беа дел од програмите. Свеченоста беше збогатена и со музички настап на млади уметници.
Инаку, Младинскиот Центар Охрид, кој беше отворен во октомври 2022 година, го раководи Коалиција на младински организации СЕГА, со финансиска поддршка и користење на адаптиран простор од Општина Охрид.
Фото галерија:
Три години Младински Центар Охрид
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска