Тројцата врвни уметници, Влатко Стефановски-легенда на македонската рок музика, Стефан Миленковиќ-некогаш чудото од дете, денес голем виртуоз на виолина и Васил Хаџиманов-трета генерација од музичкото семејство Хаџиманови, приредија незаборавен Илинденски концерт во Охрид пред преполно гледалиште.
Влатко и Стефан се надсвируваа изведувајќи познати преработки на македонски изворни песни како „Бистра вода“, „Си заљубив едно моме“, „Македонско девојче“, па преминаа на изведба на дела од интернационални автори.
Во вториот дел од концертот на сцената им се придружи и Васил Хаџиманов, кај кого публиката силно можеше да ги почувствува неговите македонски корени во заедничката инспиративна изведба на “Не си го продавај Кољо чифликот“. Музичката тензија продолжи понатаму со неколку други изведби, а заврши спектакуларно со турскиот марш од Моцарт.
Влатко Стефановски кој покажа голема енергија на сцената на која доминираше со својата гитара, на присутните, но и на целиот македонски народ им го честиташе празникот Илинден. Тој изрази воодушевивање од големата посетеност на концертот и реакциите на публиката, која повеќе од 2 часа уживаше во настапот на Влатко, Стефан и Васил.
фото: Емилио