Во духот на 15-вековната традиција, Вевчани пулсира во знакот на карневалот. Дефилето под маски започна кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала тргнаа од влезот на селото, традиционално предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи. По нив се движеа останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања, свештеници, политичари, митски суштества, ликови од секојдневието и од светските случувања.

Градоначалникот Спасе Кочовски пред почетокот на дефилето посочи дека очекува уште едно успешно карневалско издание, додека за темата и содржината на маските вели дека не знае, но и доколку се препознае во маските ќе го прифати тоа нормално.

Се надевам дека ќе поминеме уште еден од нашата плеада убави денови. Денес и утре ќе биде забавно во Вевчани и ќе ја почнеме новата година со нова енергија. Ако сум згрешил нешто ќе го видите и тоа. Незнам какви маски ќе има. Имав состанок со двете василичарски групи Горна и Долна маала, не можам да им сугерирам во однос на содржината на маските. Сепак, Вевчанскиот карневал е театар на отворено и не треба да има лутење. Целта на карневалот не е некој да се навреди, посочи Кочовски.

Претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови, Ларс Алгел, втора година присуствува на карневалот и го оценува како уникатен со вековна традиција.

Вевчанскиот карневал е нешто уникатно, традицијата е многу стара. Мислам дека е најстар Карневал во Европа. Бев овде минатата година и беше толку убаво. Моите сеќавања се прекрасни. Некои луѓе ме прашуваат што е најдобро? Најдобро е да се има уникатен карневал и со оваа традиција единствен во Европа, тоа е неверојатно, рече Алгел.

 

Бројот на маски, учесници на карневалот, според туризмологот Александра Велкоска, расте поради учеството на се помали дечиња. Годинава најмалиот василичар е три месечно девојче.

Бројот на маскирани никогаш не го знаеме, ниту пак знаеме какви ќе бидат маските. Во тоа е и убавината на карневалот, во неговата спонтаност и таинственоста на маските се до дефилето, вели Велкоска.

Карневалското дефиле, меѓу многубројните гости од земјава и светот, го следеше и премиерот Христијан Мицкоски, а за отворен го прогласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Љутков посочи дека Министерството ќе продолжи да го финансира карневалот и годинава, како и претходната за истиот биле наменети еден ипол милион денари со надеж дека традицијата ќе продолжи уште илјадници години.

Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Благоја Грујовски, Влатко и Златко Миладиновски со оркестарот, Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“ и Перо Бели и групата „Вип“.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.

Фото галерија:

Вевчани пулсира во знакот на карневалот

 

OhridNews