Во рамки на активностите предвидени со Акциониот план на Националната стратегија за борба против тероризмот на Република Македонија, МВР спроведе  оперативно – тактичка вежба за превенција за ослободување на грабнат туристички брод на Охридското Езеро.

Откако не успеаа преговорите со терористите за ослободување на 15 вип личности од грабнатиот брод, специјалните полициски единици од вода и воздух извршија напад на бродот.

По неколкуминутна борба, терористите беа совладани, а заложниците ослободени.

Вежбата ја следеше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која изрази задоволство од подготвеноста на специјалните тимови на полицијата.

-Ова е најдобар начин да се добие реална слика за капацитетот и подготвеноста на единиците од МВР да реагираат во најразлични ситуации како што тоа беше денес во разрешување на заложничка криза при киднапиран пловен објект.-рече Јанкуловска.

Министерката Јанкуловска истакна дека МВР има капацитет да се справи со сите предизвици, додавајќи дека не смее да се игнорира фактот на новите безбедносни закани во светот.

– На еднаков начин како што се подготвуваат специјалните единици од најразвиените земји во светот кои на некој начин се  се сметаат  за пример, се подготвуваат и нашите единици кои, како што можеше да се види, се на едно исклучително високо ниво и се подготвени да одговорат на секаков безбедносен предизвик, додаде Јанкуловска.

Во вежбата учествуваа околу 200 припадници на различни единици од Управата за безбедност и контра разузнавање, но и од Бирото за јавна безбедност, посебните единици, СВР Охрид, Граничната полиција и сите други служби од МВР.

 

 

OhridNews