Голем број охриѓанчиња учествуваа на Бадниковата литија која се одржа во Охрид, по повод големиот православен празник Божиќ, кога се слави раѓањето на Господ Исус Христос.

Учесниците во Литијата во 9 часот тргнаа од црквата „ Св. Ѓорѓија“ и движејќи се по улиците Питу Гули и Јане Сандански се упатија кон градскиот плоштад, каде беа дочекани од заменик градоначалникот Ангел Јанев и претставници од локалната самоуправа, при што учесниците на Бадниковата литија добија пригодни подароци.

-На овој начин придонесуваме за зачувување на традиционални обичаи во Охрид. Упатувам поздрав во име градот до сите христијани во Македонија. Паричката вечерва да падне кај најсреќниот, а тој да ја  подели среќата со сите околу него.-рече заменик градоначалникот на општината Ангел Јанев.

Бадниковата литија претставува најавување на Христовото раѓање – Божиќ.

-Како организатори сме многу среќни што успеавме околу 300 деца да ги организираме во литија и да ја пеат вистинската, правилната христијанска песна „Вечниот Бог“.– истакна Летка Филипова.

Литијата од градскиот плоштад , минувајќи низ охридската чаршија се упати кон храмот Успение на пресвета Богородица-Каменско, каде што децата ќе добијат крстиња за благослов.

 

OhridNews