Се уште одекнува ехото од аплаузите на публиката од исполнетото гледалиште на летната сцена Долни сарај, која синоќа уживаше во креативниот хумор на најдобрите стендап комичари од регионот. Шоуто „Best of Balkan“, што се одржа во рамки на фестивалот „Summer comedy marathon“, донесе вистинска свежина во културната понуда на градот кој деновиве го живее туристичкиот шпиц.

Публиката на исполнетиот Долни сарај синоќа уживаше во квалитетен хумор. Фото: Анамарија Момироска

Вечерта ја отвори македонскиот стендап комичар Никола Тодороски, по кого публиката ги виде уште и Никола Силиќ (Србија), Андрија Дабановиќ (Црна Гора), Александар Перишиќ (Србија) и Срѓан Олман (Србија). Во нивните настапи преовладуваа теми и случувања од секојдневието, но и длабоки пораки кои допираат до суштинските проблеми кои го мачат балканецот денес.

Вечерта беше свежа, но тоа не го попречи уживањето на публиката која со позитивна енергија си замина од Долни сарај, кој одамна не бил полн како синоќа на шоуто „Best of Balkan“.

Креативна стендап револуција на Долни сарај

Настанот го помогнаа Општина Охрид, Пе Логистик, OhridNews, КИ 5 до 12, Планинската спасувачка служба, Црвен крст Охрид, лаунџ бар NOA, Летна бавча Канео, Гостилница Боем, SUP club Ohrid, Rogue Brush, ukion.mk, Jazz in како и други помагатели.

Петтото издание на „Summer comedy“ маратонот продолжува до 13 август на различни сцени во градот.

Г.М.
Фото: А. Момироска