Со традиционалното дефиле на противпожарните возила низ улиците на Охрид и и показна вежба за извлекување на повредено лице во сообраќајна незгода, охридската Противпожарна единица го одбележа 20-ти мај Денот на пожарникарите во Македонија.

Да се биде пожарникар и да се работи една од најхуманите професии за нас преставува особена чест и задоволство рече командирот на Територијалната противпожарна единица Борко Јанкулоски во своето обраќање додавајќи дека пожарникарите освен гаснење на пожари се справуваат и со други технички интервенции меѓу кој и извлекување на повредени лица во сообраќајни незгоди.

И покрај недостигот на соодветна лична и техничка опрема одговорно тврдам дека ТППЕ-Охрид во своите редови има пожарникари кои со својата пожртвуваност и храброст успешно умеат да се справат со каква и да е интервенција. Тоа не го кажувам само јас, него и странски пожарникари со кои имаме заедничка соработка, рече Јанкулоски.

Денес, додаде, после многу години повторно се обновува традицијата на доделување на признание за успешен пожарникар кое се базира не само по успешните интервенции на терен него и по меѓучовечките односи со колегите и ентузијазмот во решавањето на тековните проблеми, а годинава плакета доби пожарникарот Никола Митрески.

Ова ќе биде еден поттик плус за во иднина, како досега и отсега професионално и одговорно да ја извршувам својата должност. Се надевам дека во иднина нашата служба ќе ја издигнеме на едно повисоко ниво, како што заслужува еден град посебно Охрид, рече Митрески.

Јанкулоски најави дека првото доброволно друштво од 1933 година на некој начин ќе се возобнови

Во постапка е формирање доброволно противпожарно друштво кое ќе биде основано од група искусни пожарникари и вистински ентузијасти и ќе го носи токму ова име, „Ентузијаст“, со една единствена цел, а тоа е да делуваат како дополнителна помош за пожари на отворен простор заеднички со ТППЕ-Охрид и исклучиво по барање на ТППЕ-Охрид, додаде.

Инаку, во Охрид, првите контури на противпожарно делување датираат уште од 1886 година кога се создадени маалски организации во реонот Варош во црквите Св.Никола-Геракомија, подоцна во црквата Св. Климент и во црквата Света Богородица-Каменско. Во овој период се создава интерес за набавка на опрема, при што од народот се собрани финансиски средства за да се набават пумпи и со првите средства набавена е пумпа од австриско производство и околу 60 метра црева и една млазница. Набавката на оваа пумпа по кажувањата на Поп Наум Маленко датира од 1904 година.

Првото доброволно друштво во Охрид е формирано во 1933 година предводено од др. Башчанџија кој во 1937 година издејствува една патничка кола Шевролет да се пренамени во противпожарна. Понатака во 1938 година друштвото добива и униформи за поактивните членови. По ослободувањето на Охрид друштвото продолжува со работа и во тој период се формирани и други доброволни друштва во Велгошти, Пештани и Љубаништа во 1948 година, и покасно во селата Велестово, Рамне, Трпејца, Коњско и Елшани и други. Овој противпожарен дом е започнат со градење во 1953 година, а пуштен е во функција 1958 и опстојува до денешен ден.

Противпожарната заштита на Балканот е започната во Битола на 20 мај 1836 година, во време на румелискиот пашалак кога е формирана првата организирана противпожарна единица на Балканот, после голем пожар што го зафатил градот. Токму по тој повод, овој датум се одбележува како Ден на пожарникарите во Република Македонија.

Н.С.Ј.