Во рамки на одбележувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители пред споменикот на Св. Кирил и Методиј на Охридскиот кеј се одржа пригодна свеченост на која беа доделени награди на охридските ученици, кои оствариле високи резултати на државните и регионални натпревари.

Поради името што го носам, 24-ти мај секогаш сум го доживувал како мој личен празник, како мој важен дaтум. Но денес, кога стојам тука, пред споменикот на нашите светители, тоа чувството е уште посилно и повозвишено.  Денес, тоа чувство се преточува во гордост и чест, затоа што на ваков достоинствен начин го прославуваме празникот на писменоста, словото и љубовта кон знаењето. Светите браќа Кирил и Методиј, апостолите на словенството, ги втемелија корените на писменоста и културата на нашиот народ. Затоa, со длабока благодарност и исконска почит, се поклонуваме пред нивното дело – дело што не е само духовен патоказ, туку и столб на нашиот идентитет. Благодарение на љубовта која ја имале кон нашиот род, ни подариле глас во црквата, име меѓу народите и светлина во душите, рече во обраќањето пред присутните градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Читајќи го цитатот на нивниот ученик Свети Климент Охридски во кој вели дека „нема поголем дар од оној што ни го дадоа – писменоста, преку која го познавме законот и го запишавме вечниот живот“, посочи дека истиот треба да одекне силно и да биде мотив да продолжиме да чекориме на вистинскиот пат и да го чуваме и вреднуваме името на светите браќа, како најголем аманет.

Тоа е особено важно, затоа што се уште се соочуваме со предизвици околу нашето историско право и се уште е актуелна борбата за одбрана на нашиот национален идентитет, на нашата историја, култура и традиција. Мисијата на овие први учители е порта кон нашето спознавање, а нивното дело ни докажува дека не сме случаен народ. Ние сме народ со своја азбука, свој јазик, своја духовност– народ што говори со срце и пишува со душа.

Охрид, истакна Пецаков, како древен град, скапоцен бисер и тврдина на словенската писменост, со посебно внимание го чува споменот на Светите Кирил и Методиј.

Тука нивното дело доби живот, во секој камен, во секоја буква, во секое писание. Тука се создадоа првите училишта, се напишаа првите книги, се изградија храмовите на македонската културна и духовна судбина. Токму затоа, денес, со огромна пофалба, им оддаваме признание на нашите најуспешни ученици – младите охридски надежи, кои со својот труд и талент се вистинска гордост за сите нас. Општина Охрид секогаш ќе стои на страната на образованието. Ќе вложуваме уште повеќе, ќе ги поддржуваме учениците, наставници и институции – затоа што иднината на еден народ се гради врз просветата, додаде градоначалникот Пецаков.

На настанот, беа доделени над 370 признанија на ученици од сите основни и средни училишта од Општина Охрид.

Претходно делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, положи свежо цвеќе на нивното спомен обележје на Охридскиот кеј.

Свежо цвеќе положија претставници на охридските основни и средни училишта, конзуларни претставништва, претставници на културни институции, здруженија на граѓани и претставници на политички партии.

Во рамки на чествувањата во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј“ во населбата „Кошишта“ се одржа панихида и свечена приредба.

Од 12:00 часот на градскиот плоштад кај муренката, ќе се одржи фестивалот на поезија за деца „Стихувалки“, додека од 19:00 часот во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ во рамки на кој ќе настапат учениците од ОМУ „Методи Патче“ во класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан, а беседа за светите браќа ќе одржи проф.д-р Димитар Пандев.

Фото галерија:

Положено свежо цвеќе пред споменикот на просветителите

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска