Супер луксузниот туристички комплекс кој во Љубаништа сака да го гради индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ чиј претседател е индискиот милијардер Субрата Рој, ќе биде најголем ресорт изграден на природно езеро во Европа. Проекто кој компанијата го доставила до Владата, го изработил тим светски познати архитекти кои работеле на модерните туристички комплекси во Дубаи. OhridNews ексклузивно дојде до фотографии од амбициозниот проект, кој доколку биде одобрен, ќе се реалзира до 2018 година.


Комплексот  „Сахарајан Македонија“ на Рој е предвидено да се гради на површина од 240 хектари и ќе има три одделни ресорти.  Најголемиот е предвидено да се гради во Љубаништа, потоа ќе има и ски центар на Галичица, како и уште еден туристички ресорт во Преспа.

Во Љубаништа, ќе се градат комплекс  хотели и апартмани од највисока класа, викендички, бунгалови марина, приватни плажи, казина и голф терени. Извори блиски до тимот кој бил вклучен во директните разговори со индиската компанија, тврдат дека при изработката на проектот се запазени еколошките аспекти и нема да има негативни влијанија врз животната средина. Ќе биде изграден нов пат, како и пречистителни станици кои покрај ресортот во Љубаништа ќе ги третираат и отпадните води во Св. Наум, а се предвидува и строга заштита на изворите на Дрим.


Најголемиот дел од комплексот во Љубаништа ќе се гради на копно, каде ќе има канали и околу 100 хациенди за богата клиентела, која покрај тоа што ќе може да отседне во некој од луксузните хотели, ќе има можност и да купи сопствен апартман.
Највпечатлив дел од проектот е хотелот кој ќе „лебди“ над езерото. Хотелот во форма на пропелер од ветерница ќе има 320 соби, базени, мини марина и вештачка плажа, комплекс  дискотеки и казина.

Вкупната инвестиција на се проценува на околу 700 милиони евра, а повеќе од една третина ќе бидат вложени во Љубаништа. Во „Сахарајан Македонија“ предвидено е да работат околу 2000 лица. Проценките се дека за да биде рентабилен комплксот потребно е да привлекува неколку стотини илјади гости годишно, поради што инвеститорот од владата побарал проширување на Охридскиот аеродром. Целокупниот проект треба да биде завршен за една година, а уште толку се очекува да трае административната постапка за добивање на потребните одобренија за градба. Доколку биде одобрен, комплексот на индискиот милијардер Субрата Рој ќе започне да се гради во 2014 година, и да биде завршен за околу 4 години.