По деветти пат во организација на „Охридњуз“, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа културно-забавниот настан „Зимска бајка“, кој оваа година беше во знакот на македонска современа поп музика и креативниот хумор.
Бендот на „Зимска бајка“ составен од врвни музичари од Охрид и земјата, придружувани од гудачки квартет, дувачка секција, хорот „Вокс Лихнидос“ и аудиовизуелни ефекти, со изведувачите Драган Василески – Пајо, Емилија Колоска и специјалниот гостин на шоуто Ристо Самарџиев, приредија волшебно музичко доживување. Тие заедно со публиката во исполнетата голема сала на центарот за култура испеаја дел од најпопуларните забавни рефрени како „Не ме допирај“, „Кога те нема“, „Добро утро таго“, „Не заборавај“, „Оган под ѕвездите“, „Бела“, „Таму кај што си“, „Дирлада“ и други.
Домаќини на шоуто беа единствените, оригинални и уникатни браќа, познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, чиј авторски материјал ексклузивно и премиерно се подготвува и изведува само за овој настан. Тие се осврнаа на актуелните состојби во општеството и турбо фолк музиката како феномен.
За звукот и визуелните ефекти се погрижија „Лабино саунд“ и „Експлор медија“, а идејното решение за настанот го осмисли „Art space“. Манифестацијата „Зимска бајка 2025“ е поддржана од Општина Охрид и општествено одговорни компании.
Нaстанот и оваа година има хуманитарна нишка. Во соработка со локалните лајонс клубовите и Црвениот крст – Охрид, ќе биде реализирана Божиќна хуманитарна акција за поддршка на социјално загрозени семејства во општината.
Волшебна ноќ во центарот за култура во Охрид со „Зимска бајка“
Шоуто „Зимска бајка 2025“ фото и видео го документираа екипи на „Охридњуз“ и „Digital Box“ и ќе биде емитувано на платформите на OhridNews во текот на претстојните празници.
Фото: А. Момироска


































