На црковна церемонија што се одржува во храмот Св. Софија во Охрид, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го востоличи новиот Митрополит на Дебарско – кичевската епархија Георгиј.
По тој повод се одржа божествена литургија со која чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски Стефан во сослужение со членови на Светиот архиерејски синод на МПЦ.
Овие благословени собитија се од непроценлива важност за сета полнота на нашата Света Македонска Црква. Затоа, да се обединиме во молитва, за еднодушно да Го прославиме Христа – нашиот Господ и Спасител! – беше истакнато на церемонијата на која присуствуваат бројни верници и гости.
Светиот архиерејски синод МПЦ-ОА, на својата редовна седница во полн состав, на 12 јуни годинава едногласно го избра архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, како наследник на покоениот митрополит Тимотеј.
Отец Георгиј (Ѓоко Ѓоргевски) е поранешен декан на Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ и поранешен амбасадор во Ватикан. Замонашен беше на 27 мај, следниот ден, 28 мај избран за јероѓакон, додека на 29 мај за јеромонах.
Г.М.
Фото: А Момироска