Возење велосипеди со реклами од локални бизниси, како едноставен, но, моќен концепт кој може да внесе свежина во рекламирање на бизнисите, но и промовирање на здравите животни навики беше целта на денешниот настан кој се реализираше под мотото „Вози велосипед, уживај и профитирај“, а по повод Светскиот ден на велосипедизмот.

Во организација на Здружението за едукација, култура и младински активизам „Граѓански Интегритет – Охрид“, а со поддршка од Општина Охрид и локалните бизниси настанот кој се организира втора година по ред буди се поголем интерес и кај младите, но и кај претставниците на локалните бизниси.

Настанот „Вози велосипед, уживај и профитирај“ го организираме годинава ентузијастички поради големата поддршка од локалните бизниси, Општина Охрид и во соработка со СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Оваа година имаме малку изменет концепт, имаме и хуманитарен дел кој е наменет за настраданите од несреќата во Кочани. Со овој проект сакаме да испратиме порака до сите љубители на велосипедизмот, претставници од фирми, ученици и воопшто до сите граѓаните за практикување на здравите животни навики, луѓето едноставно да се научат да го применуваат овој иновативен маркетинг којшто понатаму се надеваме во идните години ќе прерасне во традиција за еден нов маркетинг концепт кој ќе го применат и фирмите и институциите. Во суштина да можат сите да го користат велосипедот како превозно средство, како средство кое навистина им гарантира здрав начин на живот во иднина, истакна професорката Весна Карамитре, од Здружението „Граѓански Интегритет – Охрид“.

Теодора Спироска, ученик во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, но и учесник во настанот, истакна дека годинава има многу поголема заинтересираност кај соучениците да бидат дел од истиот.

Имаме многу поголема заинтересираност година за разлика од лани. Учениците беа многу задоволни и годинава се пријавија во уште поголем број. Голема е важноста од организирање на вакви настани за нас младите, зошто пред се се дружиме, а потоа и промовираме, рекламираме. Оваа година имаме ставено акцент на хуманоста. Има околку 100 учесници, меѓу нив ученици од нашето училишта, од другите училишта, наставници, претставници од фирми…, додаде Спироска.

Како општествено одговорна компанија учествуваме и поддржуваме секогаш вакви настани за промоција на бизнисите со еколошки решенија и промоција на бизнисите, рече Дафина Стефаноска, претставник од Халк осигурување.

Ова е всушност едно иновативно решение за понатамошно рекламирање на самите бизниси во Охрид и пошироко во Македонија, потенцираше.

Настанот го отвори директорот на училиштето Ристе Јанкоски кој рече дека огромно е задоволството да се биде прво средно вело училиште, потенцирајќи ја важноста на бизнис идеите и нивната реализација.

Настанот нуди промоција на здрави животни навики преку мобилна реклама на велосипеди. Истовремено се промовира и хуманоста преку собирање средства за настраданите лица во несреќата во Кочани. Во соработка со Здружението „Граѓански Интегритет – Охрид“ го организираме овој настан со којшто упатуваме порака кон нашата младина за здрави животни навики. Упатувам голема благодраност до Општина Охрид и локалните бизниси за нивна поддршка, додаде Јанкоски.

Пред започнување на турата со велосипеди во урбаните области, велосипедистите кои беа придружени од претставници на СВР Охрид, погледнаа демострација на основни и напредни технологии на одржување на велосипедите од страна Јован Јованоски, од велосипедскиот клуб „Еко дром“.

Воедно од страна на екипи на Црвен крст Охрид беше изведена и симулација на вежба со повреден велосипедист и пружање на помош.

Фото галерија:

„Вози велосипед, уживај и профитирај“

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска