Многу забава, дружење, спорт, совети и награди нуди традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ која се одржува денес во организација на Црвениот крст Охрид и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

Градскиот плоштад беше исполнет со насмеани детски лица кои уживаа во игра, едукација и дружење.

Целта на оваа акција е да се поттикне спортскиот дух кај младите, да се поттикне хуманоста, солидарноста. На манифестацијата се учествува со претходно купен учеснички број кој чини симболични 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Учесничките броеви по денешниот настан треба да се чуваат затоа што следува и извлекувањето на преку 30 вредни награди на 27 октомври, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Акцијата започна со трка од пред хотелот „Палас“ до Центарот за култура, а продолжи со спортски активности и забавни содржини кои се одржуваа на и околу градскиот плоштад.

Традиционален партнер на акцијата „За посреќно детство“ Стоматолошки Центар Д-р Баткоски и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Седумнаесет години со ред сме поддржувачи и заедно со Црвениот крст Охрид го организираме овој настан. Овој настан започна многу скромно со едни обични прегледи, но бидејќи ефектот беше многу добар, позитивни реакции имавме се повеќе и повеќе, секоја година добивавме некоја нова идеја. Почнавме од најмалата возраст со боење, со трки, со штулари, а годинава имаме и концерт. Седумнаесет години секое издание на акцијата е различно. Секоја година традиционално делиме четка за заби за секое дете. Оваа година имаме и чадори, топки, подароци кои ги делиме и заедно со други помагатели. Се што можеме помагаме за овој настан да добие што поголема популарност и да биде еден бренд како што и впрочем е веќе, вели сопственикот на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, Д-р Небојша Баткоски.

Од година во година, посочува, оралната свест е на се повисоко ниво, додавајќи дека носењето на стоматолог на малите деца веќе не е траума, туку задолжителна култура.

Мислам дека свеста се повеќе ќе расте. Но, морам да признам дека треба да има се повеќе вакви настани, не само во Охрид, туку и низ целата држава. Сепак најбитни ни се децата, додава Баткоски.

Инаку, како новина оваа година од 14 часот на Градскиот плоштад „Климент Охридски“ ќе биде настанот Rock And Mob, каде посетителите ќе можат да уживаат во музичките изведби на охридските бендови „Камелеон“, „The Backdoor band“, „Urban Planet“ и „No Fun“.

Фото галерија:

„За посреќно детство“ го исполни градскиот плоштад со детски насмевки

Н.С.Ј.