Густ чад, излегувал денеска од окното на вулканот Косел, кој е неактивен. Вообичаено од згаснатиот вулкан излегува бел чад со сулфурен мирис, но денеска тој бил црн и имал мирис на изгорена гума, што ги вознемирило локалните жители, кои случајот го пријавиле на надлежните служби. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, на местото превентивно излегла екипа на професионалната противпожарна единица од Охрид, како и претставници на Дирекцијата за заштита и спасување.
фотографија од Вулканот во Косел направена на 28 мај
Надлежните укажуваат дека простор за паника нема и дека се работи за природна појава. Посочуваат дека и во минатото имало ваква појава, а последен пат зголемено испуштање чад од коселскиот вулкан било забележано пред десетина години. Овој простор долги години граѓаните го користеа како депонија каде се одлагаше најразличен отпад, па надлежните не ја исклучуваат можноста тоа да ја предизвикало необичната појава. На тоа укажуваат и информациите дека набргу по превентивното делување на екипите кои излегоа на терен чадот кој излегува од згаснатиот вулкан повторно бил со вообичаената бела боја.
Инаку, дел од медиумите информацијата за зголеменото испуштање чад од коселскиот вулкан ја пренесоа со сензационалистички наслови, што внесе вознемиреност кај граѓаните.
Вулканот во Косел, односно сулфатарата “Дувало” претставува активна поствулканска појава која се наоѓа во непосредна близина на селото сместено недалеку од Охрид. Има изглед на минијатурен кратер со пречник од 0,5 м и длабочина од 30 см. Од отворот избиваат гасови на јаглен диоксид и сулфур водород заради што оваа појава во исто време е и мофета и сулфатара. Според стручњаците претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност. Сулфатарата Дувало во Косел е поствулканска појава една од ретките од ваков вид во овој дел на Европа. Со самиот ваков карактер сулфатарата преставува природен феномен, поради што во 70-тите од страна на Собранието на Општина Охрид добила статус на природна реткост. Во 2010 година Секторот за урбанизам и заштита на животна средина при општина Охрид отпочна активности за заштита и уредување на локалитетот Дувало (сулфатарата во Косел) и негова промоција.
OhridNews