Повторно не изостана веселбата за Стара нова година – Василица и оваа 2026 година во маалото во населба Кошишта кај домот „Св. Кирил и Методиј”, каде и синоќа гореше василичарскиот оган.

Веселата атмосфера беше надополнета со печење колбаси на жар, топол леб, туршија и црвено домашно вино.

Василичарски оган во Кошишта

Точно на полноќ, минатогодишниот кум Стефан Довлев, на присутните им подели банички. Среќата што ќе го следи преку цела година му се насмевна на Саше Гиноски и неговото семејство, кои ја пронајдоа паричката во нивната баничка со што воедно се и нови кумови.

Секоја година се доделува по една баничка на фамилија и на таа фамилија што ќе ја пронајде паричката се смета дека во Новата година ќе ги прати бериќет и среќа.

Веселбата за Стара нова година – Василица и оваа 2026 година не изостана во Варош каде со музика и песна се славеше долго во ноќта.

Весело за Василица синоќа беше во сите охридски маала и населби, а многумина Старата нова година ја пречекаа во домашен амбиент.

OhridNews