Креативните композиции со кои се овековечуваат спонтаните моменти, создаваат ремек дела кои оставаат илјадници луѓе без зборови. 

Објективот на охриѓанецот Миле Илоски, веќе неколку години создава уметнички композиции, за кои граѓаните и фотографските експерти немаат зборови да ги опишат. Неодамна, нашиот сограѓанин покрај бројните пофалници, доби и награда за најдобра фотографија на конкурсот распишан од Milieukontakt Macedonia, поддржан од УСАИД.

Уште како дете имав интерес кон фотографијата. Почнувајќи од основношколските клупи со обичните фото-апарати, па се до оние пософистицираните. Во тоа време, на подарок од странство добив дигитален апарат од 2 мегапиксели, со кој сликав најразлични секојдневни ситуации, претежно овековечувајќи ги моментите со другарите. Со тек на време, се роди таа желба да имам професионален апарат. Помина долго време во собирање финансиски средства, па точно пред две години го купив она што го посакував.“ – вели нашиот сограѓанин Миле Илоски.

Мотивите опфатени во фотографиите на Илоски се најразлични, почнувајќи од црно бели техники, портрети, минимализам, улична фотографија, пејсажи, па се до флора и фауна.

Се трудам да ги опфатам сите аспекти, за да можам од сите нив да го извлечам најдоброто. Како планинар, настојувам да доловам некои несекојдневни пејсажи, кои луѓето немале можност да ги видат. Во моментов фотографирам карактеристична охридска архитектура, како порти и прозорци, но спонтано излегуваат и други фотографии.“ – додава Илоски.

За една фотографија да ги задоволи вкусовите на пошироката јавност, потребно е да се поклопат повеќе параметри, почнувајќи од временските прилики и замислата на уметникот.

За добра композиција како пејсаж, битно да се погоди времето. На лето условите се добри, има доста сонце и светлина, но  времето е суво и се крева прашина. Според мене, едни од најдобрите фотографии можат да се направат после дожд. За ноќна фотографија треба повеќе местење. Потребен е статив, одредување колку време е потребно за да достигне сликата, но во секој случај се е релативно. Со професионалните апарати, се има целосна контрола врз техниката, додека со обичните човек е лимитиран. Сепак, оној кој знае да фотографира, може да извади добра слика и со мобилен, но со послаб квалитет.“ – вели 25 годишниот Миле Илоски.

Илоски поддршката најмногу ја добива од своето семејство и пријателите, а до сега добил бројни пофалници на интернет конкурсите ширум светот.

Последно сум добитник на награда од Милиеуконтакт на тема климатските промени. Сепак, фотографијата беше поставена на фејсбук и гласањето беше со собирање лајкови што не е некоја мерна единица за најдобра слика. Најзаслужни за тоа се секако моите другари, кои безрезервно ме поддржаа во целиот процес. Исто така, сум добил неколку награди во вид на пофалници на различни интернет портали, каде гласањето се врши од искусно жири. Секако, сите овие награди претставуваат поттик за да продолжам со моето хоби.“ – вели Илоски.

25 годишниот охриѓанец кој по професија е дипломиран археолог, очекува дека во скоро време ќе стане член на Фото клубот Охрид, а за во иднина се надева дека ќе успее во својата замисла за самостојна изложба.

Фотографирањето е скапо хоби и си бара доста опрема. Некогаш објективите чинат поскапо од самите фото-апарати. Конкретни планови за во иднина немам. Приоритет ми е мојата професија како археолог, но се надевам дека моето хоби со тек на време ќе прерасне во нешто професионално од што ќе може да се живее. Се надевам дека во скоро време ќе бидам дел од Фото клубот, па потоа ќе размислувам за самостојна или групна изложба на фотографии.“ – додава Илоски.

Тој им порачува на младите фотографи секојдневно да сликаат, бидејќи фотографијата како уметност е жива наука и процес на константно учење.

Со секоја нова слика се учат нови работи. Младите треба да имаат повеќе храброст, а тоа што го имаат зацртано во своите глави за определена композиција, да го реализираат без разлика на притисокот од околината.“ – истакнува охриѓанецот Миле Илоски.

O.T.