Иако денеска фотографирањето претставува креативно, но прилично скапо хоби, некогаш оваа „професија“ била вистински луксуз за охридските фотографи. За разлика од модерната доба кога дигиталната фотографија доживува експанзија, во минатото целокупниот процес на снимање бил доста покомплициран, а финалниот продукт неизвесен до самиот крај.

Многумина охридски фотографии со заеднички став дека денешната технолија,  на еден начин е причина за губење на „магијата“, со која во минатото се создавале ремек дела.

Самиот филм требаше да се купи, да се сними, да се развие, а целиот процес на снимање беше покомплициран. До самиот крај, не знаевме што ќе излезе од фотографијата. Тоа даваше поголема неизвесност и магија околу крајниот продукт. Дали истата ќе биде успешна или не? Не секој можеше да фотографира или да биде фотографиран. Тоа беше вистински луксуз.“ – вели охридскиот фотограф Мишо Јузмески, чии почетоци со фотографирање се во 80-тите години од минатиот век со апаратот од руско потекло „Смена 8“.

Фотографирање достапно за сите, но колку се цени фотографијата?

Фотографирањето како хоби денеска е достапно за сите, благодарение на технологијата, мобилните телефони, камерите и дигитални апарати. Дигитализацијата во целост, нуди низа погодности, а фотографиите можат лесно да се диструбираат без истите да се отпечатат.

Дигиталната фотографија донесе една голема промена. Единствениот проблем е купување на фотоапарат. Но, кога фотографијата стана достапна за секого, се изгуби нејзината цена. Многу луѓе сметаат дека целиот процес е едноставен, но треба многу внимание и умешност. Нормално дека и јас се прилагодив на модерното време кое нуди многу погодности. Можат да се направат илјадници фотографии, без никаков трошок од економски аспект. Печатам само она што е потребно да го претставам пред пошироката јавност.“ – додава Јузмески.

Ретко кој печати фотографии или развива филм

Од охридското фото-студио „Љубе“, чиј сопственик од 1974 година во континуитет се занимава со оваа професија, велат дека од година во година се помалку се оние кои печатат фотографии или развиваат филм.

Во моментов, намалена е побарувачката за фото-принтови или испечатени фотографии. Годишно, тоа би било околу 100 отсто намалување. Минатата година, секој ден во студиото развивав барем по еден филм, додека денеска во просек тоа се случува секој четврти ден. Заклучок е дека некогаш процесот за добивање фотографии беше посложен, а сликите се ценеа повеќе.“ – вели охридскиот фотограф Љубе од истоименото фото-студио.

Дигаталната фотографија и предностите на технологијата

Младите охридски фотографи кои во изминатите неколку години се наметнаа во јавноста, сметаат дека денешната технологија дозволува поголема прецизност во креирањето на фотографијата.

За разлика од порано каде се користел филмот кој го имал во различни димензии, брзини и истите не биле секаде достапни, денеска фотографијата се конвертира во дигитална форма преку сензорот на фотоапаратот и истата се складира во мемориските картички. Со оглед на тоа што во денешно време овие картички имаат голем капацитет, пристапни цени и се издржливи, постои квантитет. Додека во зависност од типот на фотоапарат и изборот на објективи,  имаме и доста добар квалитет на сликата. Голема предност на дигитална фотографија е тоа што кога истата ќе ја направиме, можеме веднаш преку екранот да ја прегледаме. Сето ова со аналогната фотографија не беше возможно, односно крајниот резултат го гледавме откога ќе го развиевме филмот и сликите.“ – вели младиот охридски фотограф, Миле Илоски.

Најдобро се учи од аналогните фотоапарати

И денеска, во голем број случаи младите се одлучуваат да „експериментираат“ со некогашните аналогни фотоапарати.

На аналоген фотоапарат се учи најдобро, бидејќи дигиталните во поголемиот дел работат автоматски. Кај аналогните се е „мануелно“ (фокусот, брзината на завесата, блендата, брзина на филмот – ИСО..) па така кај фотографот се развива поголем осет за контрола врз фотоапаратот.“ – додава Илоски.

Добар фотограф, клуч за квалитетна фотографија

Како што многумина сметаат, клучот за квалитетна фотографија лежи во самиот фотограф.

Но и најдобриот апарат на пазарот без добар фотограф зад него, не може самиот да направи добра фотографија. Фотоапаратот е само алатка на фотографот, кој е креатор на фотографијата. И со најобичен фотоапарат во рацете на искусен фотограф, крајниот резултат ке биде квалитетна фотографија.“ – потенцира Илоски.

O.T.