ГРК Охрид загуби во првиот натпревар од полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп на гости од Целје 27:26 (полувреме 15:11).
Почетокот на натпреварот имаше интересен и по малку чуден тек. Охрид отвори со 0:4, па имаше и 1:7, на што домаќините одговорија со извонредна серија што на полувреме им донесе предност 15:11.
Во вториот дел играта беше нешто поизрамнета. Целје долго чуваше колку толку осетна предност, но Охрид во финишот се издигна и речиси го стигна противникот.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Ѓукиќ со 5 гола, Пилиповиќ мечот го заврши со 10 одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 4, Ојлески 2, Јагуриноски 1, Иванковиќ 4, Јасухира 2, Тасески 2, Лиапис 3, Блажески, Ѓукиќ 5, Пилиповиќ (10 одбрани), Ќосевски 2, Прибетиќ 1.
Во салата “Златорог” во Целје охриѓани имаа поддршка од голем број македонски навивачи, но за жал, иако најавени, ги немаше најверните поддржувачи – “Рибари”, кои во последен момент не отпатуваа за Словенија.
Фото галерија:
Следува реваншот во “Билјанини извори” во сабота (2 мај), со почеток од 19ч.во кој ГРК Охрид ќе игра за историја и пласман во финалето на ЕХФ Европскиот Куп.
OhridNews
Фото: А.Момироска



























































































