Квартетот „Агат“ од Франција вечерва ќе настапи во рамки на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“. Во овој состав членуваат виолинистите Адриен Јуркович и Тома Декан, виолончелистот Симон Јашеме и Рафаел Пањон на виола.
Квартетот „Агат“ е формиран е во 2016 година, а неговите членови студирале на високата школа за музика „Ханс Ajслер“ во Берлин, во класата на Еберхард Фелц и на Парискиот конзерваториум под менторство на Матју Херцог и Лук-Мари Агуера. Во 2021 година се добитници на меѓународната награда на Фондацијата за млади класични музичари во Лондон (YCAT).
Годинава дебитираат во престижниот „Вигмор Хол“ во Лондон и остваруваат рецитали на фестивалот во Вербие, во новата „Таубер“ филхармонија во Вајкерсхајм, на фестивалот „Мекленбург-Форпомерн“, заедно со Квартетот „Ебене“ на фестивалот „Музички столици“, и на повеќе значајни фестивали во Франција како на Фестивалот „Ноќ на квартети“ во Париската филхармонија и во Брукнерхаус во Линц (Австрија).
Квартетот моментално е резидентен ансамбл при Фондацијата „Сингер Полињак“ и во Про-Квартет во Париз, како и ансамбл во постојана соработка на Фестивалот Ла Бреш во Савој.
Настапуваат на значајни фестивали и во познати сали низ Европа вклучувајќи го фестивалот „Екс ен Прованс“, фестивалот на камерна музика во Хамбург, Музичките средби во Евијан, „Концерверајн“ во Шверин и др, а соработуваат со уметници како пијанистот Франк Брале и квартетите „Модиљани“ и „Ерусалем“.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
OhridNews













