Во рамки на „Охридско лето“ вечерва (петок) со почеток во 21 часот во Св. Софија концерт ќе одржи познатиот францускиот виртуоз на пијаното, Седрик Тибергјен. На програмата се дела од Бетовен, Шуман, Шимановски и Дебиси.

Според селекторката на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова-Неделковска овој значаен концерт ќе му даде уште поголемо обележје на 52 издание на фестивалот „Охридско лето“, кое досега понуди исклучително квалитетни музички содржини.

„Станува збор за еден од најзначајните претставници на модерниот француски пијанизам кого критичарите го нарекуваат пијанист-сликар кој умее да наслика многу тонски бои во својата музика, а тоа го прави со храброст, мисловност и медитативност“, вели Јосифова-Неделковска.

Школуван на Националниот конзерваториум во Париз, Седрик Тибергјен е добитник на бројни меѓународни награди и признанија на реномирани натпревари по пијано (Бремен, Даблин, Тел Авив, Женева, Милано), кои кулминираат со Првата награда на престижниот натпревар „Лонг-Тибо“ во Париз, во 1998 година, заедно со пет специјални награди, вклучувајќи ги и наградите од публика и оркестарот. Овој натпревар ја лансира неговата интернационална кариера со 150 концерти ширум светот, вклучувајќи седум настапи во Јапонија. Неговата богата интернационална кариера вклучува настапи на пет континенти, во некои од најпрестижните концертни сали. Дебито на Тибергјен во САД со Националниот симфониски оркестар на Вашингтон, под диригентската палка на Кристоф Ешенбах предизвика позитивни критички реакции и му отвори можности за низа нови креативни соработки во САД.  Со повеќе од 60 клавирски концерти на својот репертоар, Тибергјен редовно настапува како солист со светски оркестри (BBC Philharmonia Orchestra, Tokyo Philharmonic Orchestra, Budapest Festival Orchestra, BBC Scotish Symphony, Orchestre National de France, Чешката филхармонија, Филхармонија на Токио и многу други), под диригентско водство на Кристоф Ешенбах, Лорин Мазел, Курт Масур, Џон Нелсон и други реномирани уметници.  Неговите ЦД изданија како солист на пијано и камерен музичар се стекнаа со одлични рецензии од критичарите. Тибергјен е посветен камерен музичар, а негови редовни партнери во музицирањето се виолинистката Алина Ибрагимова, сопранистката Софи Картхаузер и виолончелистот Питер Вишпелвеј. Неговата страст за камерната музика е рефлектирана во повеќе реализирани снимки, меѓу кои и комплетните дела за виолина и пијано на Шимановски и комплетните сонати за виолина и пијано на Бетовен (заедно со Ибрагимова).

OhridNews