Во еден од најзначајните сакралните објекти во Охрид и Македонија воопшто, црквата Св. Богородица Перивлепта, фрескоживописот кој се смета за предвесник на ренесансата во Европа и е врвно дело на тогашните зоографи, е во опаснот да биде оштетен од влагата која продира во внатрешноста на објектот.

За ова сведочи искусниот туристички водич Васка Манасковска која заедно со група туристи изминатиот викенд била во посета на црквата и вели премногу ја револтира што ова се случува апелирајќи надлежните институции да преземат мерки што побрзо.

Во саботата дождливо беше времето стоев пред олтарот и бидејќи многу се задржувам во црквата со сето право наеднаш почна да ми врне над глава. Погледнав кон тамбурот и го прашав дечкото што ги наплатува картите дали е реагирано за ова што се случува за што ми одговори дека повеќе пати реагирал. Незнам дали прокиснува од таванот или од кај прозорците. Се гледа како се слева водата на самите фрески. Многу сум револтирана. И туристите реагираа за тоа се случи, велат Господ не заштитува и ни праќа само неколку капки дожд. Но, тоа не беа неколку капки, а и една капка за тоа богатство е катастрофа, вели Манасковска.

Се обративме до НУ Завод и Музеј Охрид. Дректорката Катерина Велкоска ни посочи дека досега не биле известени дека има ваков проблем, но ќе проверат и ќе реагираат во делот на заштитата на фреските за што, вели, се надлежни како институција.

Нашата надлежност се однесува на заштитата на фрескоживописот. Не сме известени до сега, но ќе провериме и ќе реагираме соодветно, вели Велкоска.

Од Дебарско-кичевската епрахија велат прокиснувањето не доаѓа од ниедно друго место туку од прозорчињата кои за вентилација и истите биле оставени и кога црквата била препокривана од страна на НУ Завод и Музеј Охрид.

Ако во куполата има од една страна шест-седум реда, во најгорниот ред две прозорчиња мали се оставени за вентилација. Вода влегува само ако има многу силен дожд и ветар, не прокиснува секогаш. Ќе се консултираме со НУ Завод и Музеј ако тие тврдат дека не е нивна надлежност ќе видиме ние што можеме да направиме, нема да оставиме така. Ние иако сме иматели на имотите, не можеме ништо сами да преземаме за црквите кои се под заштита, без претходно одобрение од надлежните институции. Ако еден објект е заштитен по закон е целосно заштитен. Ќе испратиме допис до НУ Завод и Музеј и ќе ги запазиме законите како црква. Ќе побараме од нив мислење или тие да преземат тоа што е потребно или да ни дадат документ да преземе ние, велат од Дебарско-кичевската епрахија.

Инаку, во 2016 година во црквата по седум години макотрпна работа беше конзервиран сериозно оштетениот, но искучително вреден фрескоживопис од страна на седумдесетина стручни лица од Завод и Музеј Охрид и од Националниот конзерваторски центар Скопје, со поддршка од странски експерти предложени од УНЕСКО и Советот на Европа.

На ѕидовите на овој значаен сакрален објект од тринаесеттиот век, кој се смета за врвно дело на византиската архитектура, засјаија уникатните фрески оригинално насликани од големите мајстори Михаил и Евтихиј.

Конзервацијата на фрескоживописот се реализираше во рамки на проектот за заштита на црква Св. Богородица Перивлепта, финаснсиски поддржан од амбасадата на САД, која за таа намена издвои 650 илјади долари. Се работеше на надворешноста и фасадата на објектот, покривот и внатрешноста на црквата, изграден беше нов конак и се реставрира камбанаријата.

Н.С.Ј.