Селото Скребатно ќе се збогати со уште еден верски храм.

Станува збор за црквата Света Недела, која е изградена со средства донирани од страна на Борис и Љупчо Шикалоски кои живеат во Охрид, а се по потекло токму од ова село, познато по природната убавина со која е опкружено.



Иконостасот во црквата е завршен, а од месец мај започна и сликањето на фрескоживописот, кој го изработува академскиот сликар Владислав Коцарев.



Сцените се распоредуваат согласно канонските правила и големината на црквата. Во најгорниот дел се наоѓаат фреските на Исус Христос, пророците, евангелистите и Свта Богородица. Во таканаречената втора зона се сликаат големите празници,  рождеството Христово, крштение, преображение, распетие и воскресение. На западната страна од црквата се наоѓа Успение на Богородица. Во долниот дел,   покрај иконостасот се наоѓа Света Недела, патронот на црквата, опкружена со светителите, објаснува Коцарев.



Академскиот сликар Владислав Коцарев претходно има работено на изработката на фреските во црквите Св. Никола во Долна Влашка маала и Успение на пречиста Богородица во Скребатно.

Негово дело се и престолните икони во катедралната црква Св. Софија, Свети Климентовата црква на Плаошник и Св. Јован Канео.

Т. К.