Македонскот јазик е жив и здрав и се додека децата го зборуваат истиот не е загрозен рече македонистот, славист и балканист, Виктор Фридман на Дванаесеттата македонско-северноамериканска конференција за македонистика која се одржува во Охрид.
На Конференцијата учествуваат еминентни странски македонисти, слависти и балканисти, како Кристина Крамер, Кит Браун, Грејс Филдер и др., кои со своите колеги од Македонија ќе разменуваат идеи, резултати и искуства, претставувајќи ги своите истражувања поврзани со широк спектар теми од областа на македонистиката.
Иако на меѓународно ниво имаме толку проблеми особено со Бугарија и Грција македонскот јазик е жив и здрав. Понекогаш луѓето велат дека македонскиот јазик е загрозен, но не е загрозен доколку децата зборуваат на македонски јазик. Нашата Конференција е за афирмација на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Фокусот секогаш е Македонија, како централна, срцето на Балканот. Најинтересните јазични процеси се тука и сеуште живи, вели Фридман кој е и еден од основачите на Конференцијата заедно со проф. Вера Стојчевска Антиќ.
Конференцијата иако во минатото почнала со лингвистичките проучувања на македонскиот јазик, литература и култура, таа сега опфаќа и други дисциплини како што се историја, археологија, антопологија, социологија, фолклор, уметност…, вели проф. Станислава Сташа Тофоска од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет и годинашен координатор на Конференцијата.
Фокусот како и досега е ставен на соработката и истражувањата за Македонија, на посебноста на македонскиот јазик и култура, неговата уникатност, ама не само во смисла на неговото словенско потекло, туку и неговиот развој како резултат на живеење во средина и во допир со различни култури и јазици, додава Сташа Тофоска.
На Конференцијата учествуваат 32 македонисти, а своите истражувања од различните области ќе може да ги презентираат во рамки на шесте сесии поделени во два дена.
Елена Петровска што ја координира работата на конференцијата во САД изрази задоволство што покрај сите збиднувања во светот учесниците допатуваа тука во Охрид за да ги збогатат своите знаења од сите области на македонистиката.
Обично секогаш овие конференции се мали, по околу 10-15 учесници од секоја страна, вкупни имаме околу 30-тина учесници од кои половината се надвор од Македонија. Многу американски истражувачи сега работат на универзитети во Европа, затоа имаме и од други земји во Европа. Фактот што имаме учесници од странски универзитетски центри, што активно работат и истражуваат работи поврзани со македонистиката само ја потврдуваат посебноста на македонскиот јазик, рече Петровска.
Кристина Крамер, професорката која 35 години предава македонски јазик на Катедрата по славистика на Универзитетот во Торонто посочи дека секоја конференција е многу важна за афирмација на македонскиот јазик.
Многу ни е важно да се собереме ние кои работиме од други земји да бидеме овде заедно, малку да се јакнеме бидејќи знаме во кои состојби секогаш работиме. Треба да работиме за македонскиот јазик, нашето истражување, предавањата, а истовремено треба да зборуваме цело време македонски, зошто македонскиот јазик има своја историја, свои интереси, зошто ние зборуваме и истражуваме македонски, рече Крамер.
Инаку, преку одржување на Конференцијата се продолжува повеќе од тридецениската традиција на соработка меѓу научниците од северноамериканската и македонската академска средина, започната со одржувањето на првата конференција одржана во 1991 г. на Универзитетот Мичиген во Ен Арбор, САД.
Н.С.Ј.
фото. Г.М.