Минатата недела се одржа 42-та сесија на Постојниот Комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа, на која се разгледуваше и отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Галичица. За време на дискусијата за овој случај претставниците на неколку држави (Германија, Австрија, Полска, Словачка, Шведска) дополнително посебно ја изразија загриженоста за состојбата на Охридското Езеро и Галичица и испратија порака дека државата мора да ја сфати сериозноста на случајот велат од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.
Во одлуката која Комитетот ја усвои на 02.12.2022 се изразува длабока загриженост за влошената состојба на подрачјата, но и за фактот што Владата до неодамна (октомври 2022) не беше ни свесна дека случајот е отворен речиси цела година. Уште еднаш се потврдува потребата за итна мисија на терен, кон која постои можност да се приклучат и експерти од Конвенцијата на УНЕСКО и Рамсарската Конвенција, а до мисијата на терен (предвидена за пролет 2023 година), велат од Здружението.
Постојниот Комитет, потенцираат од Фронт 21/42, бара времено одложување на усвојувањето на клучните документи и запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација и/или други градби (вклучувајќи ги и административните процедури за истите) и легализација на дивоградбите.
На потег е Владата, овој пат да си ја исполни меѓународната обврска (како што и налага и Уставот) и да ја спроведе Одлуката на Бернската конвенција, односно итно да усвои Одлука за запирање на секакви активности за понатамошна урбанизација (и други градежни работи) и легализација на дивоградбите – сè додека не се усвојат препораките на мисијата на терен; како и Одлука за привремено запирање на постапките за документите кои имаат влијание врз Охридското Езеро и Галичица, како Законот за Студенчишко Блато, Стратешкиот план за рехабилитација на Светското наследство, итн, додаваат.
Како организација која го поднесе и води овој случај, велат дека е поразително тоа што меѓународната заедница има неспоредливо поголема почит кон и грижа за нашето најголемо природно богатство отколку домашните институции на кои тоа им е должност.
OhridNews