Изминатата седмица Бернската конвенција го објави Извештајот од првиот состанок на Бирото на конвенцијата во 2022 година, на кој се разгледуваше и ново-отворениот случај против С. Македонија за заканите врз Охридското Езеро и НП Галичица.
Во одлуката за Охридскиот Регион Бернската конвенција изразува длабока загриженост за бројните проблеми истакнати во извештајот на подносителот на жалбата – Фронт 21/42 и бара македонските власти да прекинат со сите активности, се додека не дојде на терен планираната мисија, на која ќе и се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција.

Бирото повторно побара Владата на Северна Македонија да заземе холистички и долгорочен пристап во планирањето на проекти во областа на Светското Наследство и подрачјата кои се кандидати за Емералд мрежата, бидејќи краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат. – се вели во одлуката на Бернската конвенција.
Владата се опоменува и дека не ги доставува обврзните извештаи до конвенцијата, ниту пак доставила во дадениот рок повратен одговор за планираната проценка на терен (без кој Бирото не можеше да ги усвои условите за проценката, која требаше да се случи оваа пролет). Бернската конвенција бара С. Македонија итно да го достави својот повратен одговор и да не ја одлага и понатаму посетата на терен, и го задолжи Секретаријатот на конвенцијата да го контактира Постојниот претставник на С. Македонија во Стразбург, доколку државата продолжи да не доставува одговор, велат од Фронт 21/42.
OhridNews









