На Факултетот за угостителство и туризам во Охрид од утре до 19  август ќе се одржува Технолошки камп (TechCamp) за справување со дезинформации преку образованието наменет за наставници од сите предметни области во основното образование заинтересирани за инкорпорирање на технологијата и вештините за медиумска писменост во нивната наставна практика.

На Tехнолошкиот камп во Охрид ќе учествуваат 40 наставници и осум ментори од САД, Обединетото Кралство, Грузија и Северна Македонија. Кампот се состои од седум практични работилници, со кои се поврзуваат ментори од приватниот сектор, академијата и невладини организации со македонските едукатори. Покрај учество на работилниците, учесниците на кампот ќе работат во мали групи за да развијат практични иновативни решенија поврзани со најновите трендови и најдобри практики во образованието за медиумска писменост, борба со дезинформациите и лажните вести, како и основите на сајбер безбедноста, информираат од ФТУ Охрид.

Овој камп е организиран од Центарот за иновации и дигитална едукација ДИГ-ЕД (https://dig-ed.org/mk/) од Скопје, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и тимот на TechCamp на Стејт департментот на САД.

OhridNews