Фудбалските репрезентации на Германија и Аргентина вечерва ќе играат во финалето на 20-то Светско првенство во фудбал. Пресметката на легендарната „Маракана“ ќе биде нивна трета во финалните мечеви на светските првенства, а двете селекции имаат по една победа, Аргентина во 1986 во Мексико, а Германија во 1990 во Италија, пренесува „Макфакс“.
Скорот на двете репрезентации во досегашните пресметки
Германија е селекција која остави најсилен впечаток во досегашниот дел од турнирот, а за нованат победа во полуфиналето над Бразил (7-1) сé уште се зборува во фудбалскиот свет.
Тимот на Јоаким Лев, со исклучок на осминафиналето против Алжир, рутински стигна до мечот за титулата. Во фазата по групи германија ги победи Португалија (4-0) и САД (1-0), а одигра нерешено со Гана (2-2). Во нокаут рундата по продолженијата избраниците на Лев го победија Алжир (2-1), а потоа во четвртфиналето и Франција (1-0), за во полуфиналето да го декласираат Бразил.
Германија, на Маракана, ќе го одигра своето осмо финале, и со тоа е апосолутен рекордер во светскиот фудбал, меѓутоа од последните четири финалиња оваа репрезентација победила во само едно.
Она што оди во полза на Германците е традицијата, имаат пет победи против Аргентина, вклучувајќи ги и последните две на СП во 2006 и СП во 2010.
„Големи се очекувањата во Германија, но ние не чувствуваме никаков притисок. Знаеме како треба да се носиме со притисокот. Потребно е ангажирано и концентрирано да влеземе во мечот, да одговориме на нашите задачи, тоа е она што нé прави силни. Мораме со ‘ладни глави’ да излеземе на теренот и да се фокусираме само на играта“, смета германскиот репрезентативец, Бастијан Швајнштајгер.
Пред Аргентина е исклучително тешка задача, но тимот кој на теренот го предводи Лео Меси, на овој Мундијал иако не импресинираше, покажа исклучителна тактичка зрелост, а сите играчи му се подредени на тимот.
Аргентина до финалето стигна без примен гол во нокаут фазата, на дуелите со Швајцарија и Белгија забележа победи од 1-0, а Холандија ја елиминираше во пенал рулетот. Претходно во групата „гаучосите“ забележаа три победи, над БиХ (2-1), Иран (1-0) и Нигерија (3-2).
„Нашата одбрана делува многу подобро околку пред четири години. Секогаш говорев дека улогата на средиот ред е најважна за да одиграте добра одбрана. Мораме да бидеме перфектни, да го затвориме просторот и да не ја губиме топката во ризичните зони, бидејќи Германија има одличен тим. Ние мора во ова финале да бидеме горди, пожртвувани и храбри. Ќе сториме се Аргентина да стане шампион“, вели аргентинскиот селекторт Алехандро Сабеља.
Инаку финалето во Рио де Жанеиро ги има сите предуслови да ги собори сите рекорди на гледаност, на еден спортски настан. Очекувањата се дека милијарда луѓе преку ТВ екраните ќе го проследат финалниот меч.
OhridNews
извор:„Макфакс“