Над 40 кандидати од семинарот што се одржа во Охрид се на половина пат да добијат тренерска А-лиценца од Европската фудбалска унија (УЕФА). Во овој период беа одржани половина од 140 планирани часови, според програмата на УЕФА, а овој курс ќе биде комплетиран за шест месеци, кога кандидатите ќе ги добијат и своите дипломи.


Плејада поранешни македонски репрезентативци беа дел од кампот што се одржа во Охрид, како Љупчо Кметовски, Игор Ѓузелов, Александар Васоски, Горан Станковски, Срѓан Захариевски, Гоце Толески и Ванчо Мицески, а оваа генерација тренери е предводена од стрелецот на првиот официјален гол за македонската репрезентација, Митко Стојкоски.

– Сѐ се одвива по зацртаното на професорите од центарот. Имавме секојдневна програма, според која работиме и теоретски и на терен. Тоа што тие ни го објаснуваат теоретски, ние треба практично да го одработиме и да покажеме како ќе изгледа на терен, се работи вистински професионално, според програмите на УЕФА – вели Стојкоски, кој беше стрелец на голот за Македонија против Данска (1-1) во првиот квалификациски меч од осамостојувањето, на 7 септември 1994 година во Скопје.


Покрај предавањата на фудбалските теми за кои беа задолжени Борче Христов и селекторот на селекцијата до 21 година, Бобан Бабунски, се одработуваа и психолошки теми, кондициска подготовка и фудбалски менаџмент. На нив предаваа професорите при Факултетот за физичка култура Ленче Алексоска-Величкоска, Вуица Живковиќ и Димитар Стојменоски, во координација на професорот Небојша Марковски од едукативниот центар на Фудбалската федерација на Македонија. Стојкоски, кој поради повреда прерано ја заврши фудбалската кариера, очекува еден ден да седне и на клупата на националниот состав.

– По завршувањето на мојата кариера немав желба да му се вратам на фудбалот како тренер, но по десет години, кај мене се разбуди таа желба. Со оваа лиценца може да се водат екипи од Втората лига и можеме да бидеме помошници во Првата лига, што секако не е мојата определба. Оваа не е крајна цел, кога ќе го завршам овој курс, веднаш ќе се запишам за добивање ПРО-лиценца. Посакувам слично како мојата играчка, така да се развива и мојата тренерска кариера – истакна Стојкоски, кој има настапувано за Пелистер, Црвена звезда, Овиедо и за Штутгарт.


Покрај интересот од македонските, оваа година курсот го посетија и тренери од Турската фудбалска федерација.

– Презадоволни сме од залагањето и од односот на оваа генерација тренери, кои мошне професионално ги извршуваа поставените задачи и обврски. Почетоците на сето ова беа во 2000 година, кога прво аплициравме за Б-диплома. Во 2003-2004 година ја добивме и А-лиценцата, а во 2006 година ја добивме и ПРО-лиценцата. Со тоа и Македонија доби едукативен систем, кој функционира долго време, и тоа на високо ниво. Потврда за тоа е и што во оваа група што се едуцира добивме писмено барање од Турција за соработка – рече професорот Маркоски.

На овој камп меѓу многуте поранешните македонски репрезентативци е и Васоски, кој работи во младинскиот тим на Металург.


– Чест и задоволство е да се биде дел од овој камп. Може многу да се научи. Јас доста млад влегов во овие води и веднаш можам да ја согледам разликата. Се работи перфектно, а на терен се работи без опуштање. Останувам да работам со „дечињата“ на Металург, кој важи за еден од најорганизираните клубови во Македонија – вели Васоски.

Од центарот на ФФМ велат дека, почнувајќи од оваа година, тренер нема да може да ја води екипата без адекватна лиценца. До претходната сезона имаше исклучоци, но сега веќе тоа нема да се толерира.

М.П.