Претстојниот втор круг од изборите е мошне важен тест за демократијата и клучен миг за иднината на Македонија, изјави евроамбасадорот Ерван Фуере по средбата со кандитатите за градоначалник на Охрид, Кирил Трендафилов – Нанче и Алекандар Петрески.

Најбитниот аспект на секои избори е тајноста на гласот и можноста на секој граѓанин да гласа слободно и за својот избор да не биде санкциониран, порача евроамбасадорот Ерван Фуере. Тој изрази загриженост за наводите за појавите на закани и притисици што, како што рече, се вршат врз службеници во јавни институции, независно од каде доаѓаат.
– Тоа е целосно неприфатливо и затоа апелирам до сите политички фактори, особено до Владата, бидејќи таа ја има главната улогата на тело кое може да се справи односно да ги сакнционира таквите појави, дека нема место за такви работи во демократско општество, истакна евроамбасадорот Фуере по средбата што се одржа во ресторанот „Далга“.

Евроамбасадорот додаде дека животот продолжува и по изборите, и дека локалниот развој не смее никако да се поврзува со политичката припадност на идниот градоначалник.
– Затоа упатувам јавен повик и до Владата и до сите политички фактори да ги искористат преостанатите часови до изборите да пренесат порака и в недела да имаме избори какви што заслужуваат граѓаните на Македонија и согласно највисоките политички стандарди, рече амбасадорот на ЕУ во Македонија.
Фуере искажа загриженост за нивото на комуникација во градовите и општините каде постои тесна разлика меѓу кандидатите кои влегоа во вториот изборен круг.
– Мора да вложиме максимални напори ваквите негативни тонови да бидат намалени колку што е можно. На денот на изборите јас лично ќе бидам во Охрид, моите колеги ќе бидат во другите градови, за одблиску да осведочиме дека кампањата отишла на подобро, додаде Фуере.
Фуере денеска ќе оствари средби и со кандидатите за градоначалник на Струга, Фијат Цановски и Рамиз Мерко, како и со Васил Радиноски и Перо Илиески кои во вториот круг од изборите ќе ја водат бирката за градоначалничката функција во Општина Вевчани.











