Комесарот за проширување при Европската унија, Штефан Фуле на 1-ви јуни ќе допатува во Македонија за да учествува на самитот на шефови на држави и влади на земјите во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) кој ќе се одржи во Охрид.
Од кабинетот на еврокомесарот за проширување на Унијата , изјавиле дека сé уште не е донесена конечна одлука, но потенцирале дека овој настан е на агендата на Фуле и оти само се чека конечна потврда, јавува МИА, пренесува „Макфакс“.
Сепак, се дознава дека од кабинетот на Штефан Фуле веќе ги известиле организаторите и македонскиот државен врв дека еврокомесарот ќе присуствува на средбата во Охрид.
На 16-иот по ред самит на ПСЈИЕ, што токму од страна на Европската комисија во последниот извештај за нашата земја е посочен како позитивен момент во пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ, Фуле се очекува да им се обрати на присутните и да побара од нив поцврсто да соработуваат во овозможувањето на преостанатите земји од Југоисточна Европа да станат дел од Европската унија.
Според најавите, при неговиот престој во нашата земја, Фуле би остварил и билатерални средби со највисокиот државен врв, а со цел последни консултации и давање на насоки за продолжување во остварувањето на реформите пред Самитот на Европскиот совет закажан за 27-ми јуни во Брисел, на кој земјите-членки ќе одлучуваат за доделување на датум за почеток на пристапните преговори со Македонија.
Како што е познато, главни теми на кои ќе биде посветен Самитот на ПСЈИЕ, кој се одржува под мотото „Солидарност во акција” се намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатските промени.
Инаку, овој Самитот претставува завршна активност во рамки на едногодишното македонско претседавање со оваа регионална иницијатива.
извор:„Макфакс“