Во возбудливо финале на Европското првенство во футсал, што се одржа во Љубљана, Словенија, репрезентацијата на Португалија го освои златниот медал, совладувајќи ја соседната Шпанија со 3:2. Победникот на натпреварот беше решен по продолженијата, откако регуларниот дел заврши 2:2.
Натпреварот уште во првата минута го отвори магичниот Рикардињо кој и донесе предност на Португалија. Шпанија во 19 минута израми на 1:1 преку Толра, а со голот на Лин во 32 минута стигна до пресврт и водство од 2:1. Три минути подоцна беше досуден пенал за Шпанија, но по ударот на Мигелин топката од пречката се одби во поле. Во последните три минути од мечот Португалија фрли се на една карта. Наместо голманот во игра беше уфрлен петти играч кој му асистираше на Бруно Коељо за израмнување во претпоследната минута по што финалето отиде во продолженија од два пати по пет минути.
Кога во првата минута од второто продолжение се повреди најдобриот португалски играч Рикардињо, Шпанија со сите сили тргна во напад, но при една грешка на педесеттина секунди до крајот на „фуријата“ и беше досуден шести прекршок на половината на противникот, кој автоматски значи пенал. Бруно Коељо пеналот го претвори во злато вреден погодок за Португалија, која ја освои првата титула европски првак во футсал.
За најдобар играч на првенството беше избран капитенот на Португалија Рикардињо. Во утешното финале Русија со 1:0 го совлада Казакстан.
Г.М.
фото: Уефа