Фондот за здравствено осигурување – ФЗОМ, одлучи да ги зголеми квотите за месец март 2018 година во износ од 15 милиони денари, кои ќе бидат линеарно распределени по аптека. Тоа се прави со цел да обезбеди доволно лекови за осигурениците, информираат од ФЗОМ.

Реализираноста на квотите на ниво на територија на Република Македонија во последните шест месеци (октомври 2017 – февруари 2018) изнесува 103%, односно кумулативното зголемување изнесува 15%, што значи дека однапред планираните квоти за месец март, се намалени за 15%. На ова, треба да се земат предвид и другите фактори како, аерозагадувањето во овој период, сезоната на грипови и настинки, хроничните заболувања, кои влијаат на зголемената побарувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот, појаснуваат од ФЗОМ.

-Доколку определен лек поради искористеност квота осигуреникот не може да го подигне во некоја аптека, истиот има право на избор на аптека во која ќе го подигне лекот, а која се уште ја нема реализирано квотата определена од Фондот.-соопшти ФЗОМ. 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2018 година има предвиден годишен буџет за лекови на рецепт на товар на Фондот во износ од 2,85 милијарди денари, кој е за 100 милиони денари поголем од 2017 година. Во овој буџет се предвидени и скапите лекови, како и лековите пропишани од лекари од дежурна служба кои се изддаваат надвор од квотите на аптеките, велат од Фондот.

Податоците на Фондот покажуваат дека потрошувачката на лековите на рецепт во аптеки бележи нагорен тренд. Зголемената потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот го следи и светскиот тренд за зголемена консумација/потрошувачка на лекови, што во периодот од 2008 година досега се гледа преку зголемените количини на обезбедени лекови за осигурениците и приближно двојно зголемените одвоени вкупни износи за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ.

OhridNews