Потврдите за редовно школување студентите повеќе нема да морат да ги доставуваат лично до шалтерите на ФЗОМ. Фондот ќе го добива овој документ по електронски пат од факултетите.

Со новиот проект „Е-потврди за редовни студенти“ Фондот воведе промени за редовните студенти, кои до сега потврдата за редовно школување требаа да ја заверат во студентски прашања, па да ја достават на шалтерите во подрачните служби на ФЗОМ.

Отсега, ФЗОМ секоја нова потврда односно промена за редовно школување ќе ја добива по електронски пат од соодветната образовна установа за високо образование. За оние студенти кои нема да може да ги достават потврдите електронски, ќе остане како досега, да достават потврда во хартиена форма во подрачните служби.

„Ова претставува големо административно олеснување за редовните студенти, за студентските прашања на факултетите, за фирмите со што се овозможува континуирано здравствено осигурување за редовните студенти на возраст од 18-26 години“, изјави директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова.

Таа додаде дека ФЗОМ на овој проект работел повеќе од една година, и за тој период воспоставил соработка со 43 високо образовни институции (универзитети и факултети) со кои Фондот потпишал договори и одржа обуки за реализација на проектот.

„Ова е еден од проектите на ФЗОМ, зацртан во Владината програма, од кој придобивки ќе имаат околу 72.000 редовни студенти, на возраст од 18 – 26 години, кои досега требаше на почетокот на секоја универзитетска година да доставуваат потврди за редовно школување, во хартиена форма, од студентските прашања на факултетите до подрачните служби на Фондот“, истакна Парнарџиева-Змејкова.

OhridNews

Извор: „Макфакс“