Фондот за здравствено осигурување на Македонија во целост ќе ги покрие трошоците за лекување на 11- месечниот Кирил Митрески во болницата „Аџи Бадем“ во Истанбул. Оваа информација за OhridNews ја потврди директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.
– Горд сум на охриѓани кои покажаа исклучителна хуманост и големо срце да му помогнат на нивниот сограѓанин во борбата со тешката болест. Ние како држава секогаш кога ќе има можност за тоа ќе помагаме и се надевам дека лекувањето на Кирил ќе биде успешно, изјави за OhridNews, Стефаноски.
После повеќе консултации со неврохирурзи и онколози од различни клиники семејството Митрески одлучи лекувањето на Кирил, наместо како што првично беше најавено да биде во Израел, да го продолжи во Турција кај реномираниот неврохирург д- р Мемет Озек.
– На ваков чекор се одлучивме затоа што сметаме дека тоа е најдобро за лекувањето на нашиот син. Што е најважно, д- р Озек дава најдобри прогнози во однос на лекувањето. Огромна благодарност до сите охриѓани кои донираа или на поинаков начин помогнаа за сето ова да биде изводливо. Горд сум на Охрид и цела Македонија. Ви благодариме на сите од се срце, изјави таткото на Кирил, Горан Митрески.
Семејството Митрески утре во 12 часот, лета за Истанбул каде ќе продолжи лекувањето на Кирил на кој неодамна му беше дијагностициран малиген тумор на левата хемисфера од големиот мозок.
Средствата донирани од граѓаните ќе бидат искористени за покривање на трошоците за понатамошното лекување, бидејќи ова е само првата фаза од борбата со тешката болест.
OhridNews