Фондот за здравствено осигурување на Македонија воведува електронски услуги за осигурениците, фирмите и здравствените установи, односно софтверско решение за WEB портал.

Со софтверското решение за WEB портал се обезбедени електронски услуги за физички и правни лица во Република Македонија, приватни државни фирми и компании, како и за вработените во здравствените установи кои имаат склучено Договор со Фондот.
Со воведувањето на електронските услуги, осигурениците на Фондот нема да имаат потреба да ги подигнуваат сините картони и да доаѓаат на шалтерите на Фондот .

Овластените лица ќе може да ги пријавуваат или одјавуваат вработените во нивните фирми (и членовите на нивните семејства) во здравствено осигурување преку интернет со користење на дигитални потписи (без да доаѓаат во подрачните служби на Фондот), а матичните лекари ќе можат електронски да ги пријавуваат новите пациенти.

Новиот електронски систем ќе овозможи и осигурениците да може да вршат избор и промена на избран матичен лекар електронски кај матичните лекари, без да се доставуваат пополнетите хартиени ИЛ обрасци во подрачните служби на Фондот .

„Со воведувањето на електронските услуги ќе се овозможи постепеното укинување на хартиената достава на документите како од осигурениците, фирмите и здравствените установи до Фондот и обратно“, информираат од ФЗОМ.

Од таму додаваат дека Фондот во иднина е во план да овозможи електронски услуги и за останатите услугите кои во моментов ги нуди на осигурениците, фирмите и здравствените установи на шалтерите во подрачните служби.