Реномираниот меѓународен фестивал „Охридско лето“, којшто традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата, годинава свечено ќе биде отворен вечерва, со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и Балет.

Ќе бидат изведени најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, со над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентска палка на маестра Бисера Чадловска.

На свеченото отворање на 61-то издание на „Охридско лето“, во Античкиот театар во Охрид, ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски.

За разлика од минатата година кога поради здравствената криза имаше скратено издание, оваа година „Охридско лето“ ќе се одржи во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, со почитување на протоколите за заштита и спречување на ширење на коронавирусот.

Ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, Србија, Холандија, Словенија, Русија, Бугарија Косово, Германија, Хрватска, Турција, Франција, Италија, Чешка, Романија, Грција, Црна Гора, Белгија и САД како и уметници од земјава.

Музичката програма годинава ќе донесе 34 концерти, од кои два ќе се одржат во рамките на офф-програмата, а во драмскиот дел ќе бидат изведени 6 театарски претстави.

Г.М.