Раномираниот авто превозник А.Д. „Галеб“ Охрид, ги пренасочи редовните линии за Скопје „виа“ Кичево, преку Битола, како експрес – директни линии без попатни застанувања.
Причина за ова е лошата патна инфраструктура на атернативната релација преку Струга – Дебар – крак за Маврово, по која од петокот се пренасочуваат возилата потешки од 7,5 тони и автобусите, поради оштетениот мост на планинскиот превој Стража.
Од „Галеб“ информираат дека патувањето со директната линија Охрид – Скопје преку Битола без попатни застанувања, ќе трае помеѓу три и пол часа и три часа и четириесет и пет минути. Оттаму посочуваат дека патната инфраструктура во овој правец е многу подобра, што овозможува поудобно и побезбедно патување.
Покрај пренасочените директни линии за Скопје, преку Битола ќе се реализираат и редовните линии со актуелниот возен ред и предвидените попатни застанувања.