Кошаркарскиот клуб АВ Охрид по втор пат во својата историја ќе биде дел од екипите кои ќе се натпреваруваат за трофејот во Купот на Македонија. Завршницата од некогаш најмасовното клупско натпреварување ќе се одигра во Кавадарци од 16 до 18 февруари.

„Галебите“ во 1/4 финалето силите ќе ги одмерат со составот на Блокотехна кој е еден од потесните фаворити за трофејот во годинешнето издание во Купот на Македонија. Сепак, охриѓани нема да се предадат пред време и во Кавадарци ќе отпатуваат да се надигруваат, а не со бело знаме.

– За нас ова е второ учество на завршниот турнир. Сосема заслужено си го изборивме. Оваа година вкрстуваме со Блокотехна, одличен тим. Очекувам добар натпревар, тие против нас се фаворити, но желба ни е да ја нарушиме фаворитската улога. Имаме повредени играчи, но ќе се обидеме да изненадиме. – изјави тренерот на охриѓани, Петар Чочороски.

Четвртфиналните мечеви на програмата се во петок, во сабота ќе се играат полуфиналните натпревари, а големото финале е закажано за в недела. Исто така во Кавадарци ќе се одигра и завршницата од женскиот Куп. Во полуфиналињата силите ќе ги одмерат Вардар – Пелистер односно Бадел 1892 – Струга 2009.

Двојки 1/4 финале:

Работнички – Карпош Соколи (13ч)

Блокотехна – АВ Охрид (15:30ч)

МЗТ Скопје – Фени Индустри (18ч)

Гостивар – Куманово (20ч)

OhridNews