Кошаркарскиот клуб АВ Охрид ги стартуваше зимските подготовки за продолжение од сезоната во Првата кошаркарска лига.


Ростерот на Петар Чочороски не претрпе големи измени и во тимот недостасува само Дарко Димковски кој спогодбено го раскина договорот со охридскиот клуб.


„Галебите“ недела дена ќе тренираат во полн погон односно со голем интезитет и ќе имаат по два тренинзи на ден. Останатите денови до почетокот на Првата лига ќе поработат на технички план.


– Базични подготовки имавме пред почетокот на сезоната, а сега само ќе го кренеме темпото, затоа што толку имаме време. Поларните температури под нулата не` не плашат и ќе тренираме во полн елан во позитивна атмосфера. – рече Чочороски.


Охриѓани првиот меч во втората полусезона го играат на 21 јануари на домашен терен против составот на Фени Индустри.

Мх.П.