Манчестер Јунајтед без неколку стандардни првотимци ќе го предизвика лидерот во Премиер лигата, Челси во мечот кои двете екипи ќе го одиграат на „Стемфорд Бриџ“ во сабота (18:30 часот).


Ѓаволите во Лондон ќе отпатуваат без Мајкл Карик, Дејли Блинд, Фил Џонс и Маркос Рохо кои се повредија на дуелот со градскиот ривал минатото коло и Џони Еванс, кој ја издржува суспензијата од шест натпревари.

Единствена добра вест за Јунајтед пред супер дербито со Челси е враќањето на Лук Шо во составот додека се уште не се знае дали ќе добие шанса Робин ван Перси, кој почна да тренира со екипата по двомесечната пауза.

– Ќе морам целосно да ја сменам формацијата бидејќи ми недостигаат неколку клучни играчи. Инаку проблем во составуањето на екипата имам само на левата страна во дефанзива бидејќи останавме само со еден стопер. – рече Луис ван Гал на пресконференцијата.

Екипата од „Олд Трафорд“ со одлична серија од шест победи патува на мегдан против „сините“ кои атакуваат на титулата во Премиер лигата.

Мх.П.